Loading Events
This event has passed.

Германија/Франција/ 2019/115′

РЕАЛИЗАЦИЈА

Режија/Director: Fatih Akin
Кинематографер/Cinematographer: Rainer Klausmann
Сценарио/Screenwriter: Fatih Akin

УЛОГИ

Jonas Dassler, Katja Studt, Margarete Tiesel, Adam Bousdoukos

СОДРЖИНА

Сериски убиец предизвикува страв кај жителите на Хамбург во раните седумдесетти….

Фаих АКИН, кинематографер:

Во филмската сторија се е важно, бидејќи и најмалиот детал упатува на одредени назнаки за антиципација, одредени моменти на подготвеност да се разбере приказната, да се предвиди крајот, а гледачот многу често е толку несвесно преокупиран со крајот, што за жал го пропушта процесот на контемплација, восприемање. Ја пропушта мигновеноста на свртување на дејството, на чудесната промена на ликовите од позитивни во негативни и обратно, го пропушта она што се случува меѓу дијалозите, го пропушта филмот, а тој е токму таму, помеѓу нив, помеѓу дијалозите. Ретки се многу ретки, речиси ендемски оние режисери, филмски уметници кои, кога ќе го „зграпчат“ вашето внимание, ви го „крадат“и срцето. Точно, ретки се, но ги има, постојат. Еден од нив е германскиот enfant terrible од турско потекло, вечно насмеаниот Фатих Акин, сценарист, режисер, продуцент, актер… некои велат и извонреден DJ. Ако со својот прв краток метар “Sensin-You are the one” ја освојува германската публика и критика, со “Weed” блеснува на меѓународната филмска сцена. На неполни 25 години неговиот сон станува стварност. Во 1998 со својот прв долгометражен игран филм ”Кратко и безболно”/”Kurz und Schmerzloss” го освојува Бронзениот леопард во Локарно, а истата година е добитник на престижната германска награда за најдобар млад режисер на Баварија. Неговата непретенциозност на приоѓањето во суштината на филмската сторија ве залулкува, за во еден единствен миг да ви испрати “метеор“ и вие сте во небрано, не сте свесни дека тоа се случило, се трудите да го вратиме моментот пред мигот… но соголувањето на ликовите продолжува со несмален интензитет, до коска и тоа боли, продолжува да боли. Во секој негов филм, тој комплетно ве предава на основните човекови инстинкти во искажувањето на љубовта, радоста, пријателството, омразата, милосрдието, толеранцијата, вербата, недовербата, одмаздата, преживувањето…и секако болката како исконски предуслов за секоја емоција. Филмската ситуација Акин ја гради како плима, како непозната равенка која ви се „лепи за кожата“ и вие послушно ја прифаќате, а таа се напластува до состојба на драстична самокритика. Тој е редок, би рекла единствен филмски уметник кој самокритиката ја конструира до ниво на вонредна редовна состојба на човековата свест, на неговата социјална ангажираност, на конституција на разумот. Овде особено мислам на сите негови стории кои од историски и современ аспект ја опсервираат германската и турската или дури и балканската нарав. Тие двојности се испреплетуваат, разидуваат, спојуваат за да го достигнат моментот на универзална среќа или несреќа. Фатих Акин во своите филмови среќата и несреќата ги согледува како комплементарни и судбински поврзани, неговите ликови се крајно внимателно креирани во својот манир на движење, приоѓање, изразување. Неговиот начин на работа со актерите ги прави актерите толку блиски до вас, што често се препознавате и се лутите себеси, се срамите, се преиспитувате. И токму така, тој ја има намерата да ве стави во постојана состојба на преиспитување на вашите намери, постапки, чувства. Од 2002 со “Солино”/„Solino”, Фатих Акин започнува една нова соработка со извонредниот кинематографер, Рајнер Клаусман, со кого стануваат водечки европоски и светски тандем, а тој лично започнува една нова авторска одисеја вонеговата сценаристичка и режисерска постапка, каде што во прв план е значењето на обичниот човек во градење на замисленото мултикултурно општество. Со филмот “Со глава в sид“/”Head –on” (за кој во Битола на Браќа Манаки, кинематограферот Рајнер Клаусман ја освои Златната Камера 300), тандемот продолжува да го гради својот култ особено меѓу помладата публика и за овој филм во 2004 година ја освојуваат Златната берлинска мечка за најдобар филм и Европска та филмска награда. Продолжуваат со филмот „На работ на рајот“/”The Edge of Heaven” (Рајнер Клаусман е во компетицијата на Браќа Манаки), за кој Акин е награден за најдобро сценарио во Кан во 2007 година. „Soul kitchen” им е овенчан со специјално признание на жирито на Венецискиот фестивал во 2009 година, за во 2012, Акин да не’ предизвика со долгометражниот документарен филм „Загадување на рајот“/”Garbage in the Garden of Eden”, а со епскиот филм „Рез“/”Cut”, тргнувајќи од својот турски бекграунд како морална обврска, Акин одважно го апсолвира историскиот синдром за геноцидот врз Ерменците. Со ангажираната драма „Од ништо“/”In the Fade” (кинематограферот Рајнер Клаусман во Компети цијата на Браќа Манаки во 2017 ја освојува Сребрената Камера 300, а во 2018, на 39 Браќа Манаки, Клаусман беше член на интернационалното жири), а потоа го добиваат и Златниот Глобус за најдобар странски филм во 2017 година. Нивниот најнов филм „Златната ракавица“/”Golden Glove” (2019), иснпириран од вистински настан, споредроманот на Хајнц Штрук/Heinz Ѕtrunk ја шокираше и критиката и публиката во Берлин годинава, никого не остави рамнодушен. Злото во нас демне, како бактерија која секој ја има, но не знаеш кога и што ќе ја активира. Бизарен и тежок филм, кој не можете а да не го доживете органски. Секое соседство има свој негативец, но не секое има свој монструм. Монструмот кај Фатих е темнината на нашите срца која сите ќе не изеде, буквално. Но покрај монструмот постојат и оние другите, невините кои се почесто исчезнуваат. Преку најневините постапки на обичниот човек ни’ се открива есенцијата на нашето постоење, она малку среќа потребна да ни’ го исполни погледот со бои, со хоризонт што секогаш сме го сонувале или оној тенок прорез на омраза кој не’ уништува и ни’ го полни срцето со црни лалиња. Секој од нас си има свој омилен филм од тандемот Акин-Клаусман, така е и кај нас, имам пријатели кои се заљубиле баш вечерта кога гледале нивен филм и често си ја пееле мелодијата од тој филм. И ден денес го прават тоа, а јас уживам кога ги слушам и кога ги гледам. И јас имам свој омилен филм од Фатих Акин, но нема да ви кажам кој е.

Гена Теодосиевска
Филмски критичар