19 септември, Битола – Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмски работници, годинава му припадна на една од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга националниот предзнак е исклучително важен.

„Кога настапуваме на фестивали, го пишува името на земјата и таму се вее знамето на нашата земја Македонија, Република Северна Македонија. Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов“, рече Иванов, потсетувајќи на најважните награди и признанија на Попов, што кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае“.

„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, рече Иванов.

Заблагодарувајќи се за наградата, Попов рече дека секоја награда со годините може да се релативизира, но сепак има два типа на признанија кон кои не може да биде индифирентен и ги прима со голема радост, а тоа се наградите од публиката и од колегите. „Секој што се занимава со филм знае за тешкиот и макотрпен пат да се дојде до филм, тоа се илјадници помали и поголеми битки, од најтешката битка со самиот себе си за да се оствари визијата која ја носите во себе и на најсугестибилен начин да ги придобиете соработниците со кои работите за да од практично ништо направите нешто што публиката ќе го засака и ќе го гледа и тоа нема да се изгуби со текот на времето. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред се’ слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да им го свртам вниманието на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои се’ почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.