19 септември, Битола – Вечерва беше одржан настан во Битола со цел да се одбележи 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Пред присутните гости се обрати покровителот на фестивалот, Претседателот на Република  Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните културни настани во нашата земја, настан во кој е вткаена богата историја, многу ентузијазам и љубов кон филмската уметност.

„Благодарение на овој фестивал, Битола и нашата држава се препознаени во светот на седмата уметност. За жал, годинава го нема црвениот тепих и препознатливиот гламур пред Центарот за култура во Битола, ги нема филмските проекции и полната киносала, ги нема драгите гости од светот на филмот. Пандемијата со Ковид-19 ги промени сите планови и предвидената програма за 41. издание на „Браќа Манаки“. Сепак, традицијата продолжува, и во скратена и во изменета форма фестивалот и понатаму живее“, рече претседателот Пендаровски.

Тој им честита на годинашните добитници: Јануш Камински, лауреат на Златна камера 300 за животен опус и Столе Попов, кому му беше доделена наградата на ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

„Токму деновите на пандемијата ни покажаа колку е важна уметноста и, особено, која е моќта и улогата на филмот. Се разбира дека искуството на гледање филм на големото филмско платно е незаменливо и верувам дека со нормализирањето на состојбата, повторно, со зголемен ентузијазам и со љубопитност ќе се вратиме во кината“, додаде претседателот Пендаровски.