19 септември, Битола – Возбудлив момент на ова одбележување на 41. издание на „Браќа Манаки“ беше обраќањето на годинашниот лауреат на Златна камера 300 за животен опус, оскаровецот Јануш Камински, големиот полско – американски и светски кинематографер, кој своето обраќање го почна на македоски јазик: „Здраво пријатели,  како сте? Огромна чест ми е што сум добитник на наградата за животно дело од Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Се чини дека сум најмладиот добитник. Сепак, се вели дека годините се само бројка. Би сакал да им честитам и на сите филмски професионалци признаени од фестивалот за нивната работа. Ви честитам.

Едвај чекам да ја посетам Битола, едвај чекам да се сликам пред споменикот што ги прикажува браќата Манаки. Какви изумители! Какви иноватори! Ја создале современата кинематографија! Освен тоа, не можам да ви опишам колку ми е мерак што ќе ја посетам Македонија, и ќе пијам Мастика. Не дека сум некој голем пијач, но сакам да дегустирам различни видови алкохол.

Од друга страна, на повеќе лично ниво, морам да се пофалам каква среќа имам што сум кинематографер. Мислам дека тоа е најчудесната професија на светот, да можеш да се изразиш себеси естетски и уметнички преку светлината и сенките. Тоа е уметничка форма  што полека, но сигурно исчезнува. Би сакал да ја нагласам важноста на визуелното раскажување. Би сакал да ја нагласам важноста на сенките и светлината. На сите млади кинематографери што ме гледаат им порачувам – мора да работите на вашата уметност, мора да работите на вашиот занает. Работата не е во тоа само да покажете слика, поентата е во визуелните метафори, во раскажувањето приказна преку композицијата, движењето на камерата,  и светлината и сенките.

Ви посакувам добра среќа на сите. Уште еднаш ви благодарам за оваа награда. Како што веќе кажав – Едвај чекам да се видиме во Македонија“, порача Камински.