19 септември, Битола – Од името на фестивалот зборуваше директорката на “Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, која кажа дека веќе се подготвува следното издание на фестивалот.

„Подготвуваме квалитетна програма за да поканиме филмски уметници кои ќе бидат вистинските јунаци на новите слики, да ни дојдат гости и посетители од целата наша земја, регионот, како и што се случуваше во последните години. Би сакала да им се заблагодарам на сите што го сакате фестивалот, што го поддржувате, и ја поддржувате филмската уметност, колку и да е интересна, колку и да е, можеби, комплексна, но се обидувате секогаш да навлезете во нејзината слика како да сте вие дел од неа. Многу ќе ми недостасуваат, и мислам дека на сите ни недостасуваат, тие осум дена полни со адреналин кога трчаме од едно до друго кино. Знам дека целата оваа година, на идното издание догодина, ќе им ја раскажуваме на нашите гости, кои што ќе ги пречекаме овде во Битола, а тие ќе бидат растрчани од Центарот за култура, до Малата сала, до Големата сала, до Магазата, до Пациото и до новото Кино Манаки, кое што Општина Битола, сепак, успеа да го направи. Драги мои пријатели, многу ви благодарам што овој еден час, овој драгоцен час за нашиот мал тим, бевте со нас“, рече Теодосиевска.