21 септември, Битола – На пригоден коктел во хотелот „Епинал“ на 20 септември свечено беа доделени наградите кои се доделуваат првпат годинава – за најдобар ангажиран документарен филм, која ја доделува Општина Битола, и за најдобар филм според публиката од програмата Мак-поинт.

Тричленото жири кое одлучуваше за најдобар документарен филм, го награди „За Сама“ на режисерката и кинематограферка Ваад ал-Катеаб и режисерот Едвард Вотс, опишувајќи го како интимно и епско патување во време на војна, низ очите на една новинарка.

Користејќи ја камерата, новинарката ги има уловено драматичнните мигови во Алепо, Сирија, и страдањето на невините луѓе за време на стравотните бомбардирања и воените напади на градот.

-Заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, одлучивме да ја воведеме оваа награда на фестивалот, бидејќи на тој начин ја продолжуваме традицијата на браќата Манаки, кои се првите документаристи на овие простори. Се надевам дека овој пристап и однос кон нивното творештво ќе остане аманет и за оние кои и во иднина ќе бидат дел од овој фестивал и дека ќе го негуваат документарниот филм, рече Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.

Во програмата Мак-поинт, која ги прикажува најновите остварувања на македонските автори, публиката гласаше по секоја проекција и според нејзините гласови, победи филмот „Скопје 2020“ на режисерот Радован Петровиќ и кинематограферот Андреј Лембанов.

-Одлучивме да ја воведеме оваа награда и на тој начин дополнително да ја вклучиме публиката во фестивалот и во филмскиот свет. Се надевам дека наградата ќе ги мотивира младите македонски филмски професионалци да продолжат да творат и да бидат дел од Мак-поинт програмата, рече Ана Василевска, селекторка на оваа програма.