21 септември, Битола – Синоќешната проекција на документарниот филм „Џонатан Агаси ми го спаси животот“ на Томер Хејман, беше повод за разговорот за ЛГБТИ-културата, што се одржа денес напладне во Магаза во Битола. Дебатираа Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет, и Кочо Андоновски, директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка, а разговорот го модерираше новинарот Борјан Јовановски. Сторијата на „Џонатан Агаси ми го спаси животот“ ја третира потиснатата сексуалност на припадниците на геј-заедницата.

Јовановски го започна разговорот со неговото искуство од реализација на документарец во Мадрид, Шпанија, кој се занимава со толерантноста на шпанското општетсво, инаку доминантно католичко и конзервативно, кон припадниците на геј-заедницата. Тој спомена дека и фестивалот „Браќа Манаки“ беше отворен со филмот „Болка и слава“, чиј автор Педро Алмодовар често реферира на оваа тема во неговите филмови.

Кочо Андоновски го поврза стравот од насилство, како главна тема во филмот, со актуелната кампања „Сега кажувам“, во која жените го исповедаат нивното искуство со сексуалното насилство на кое биле подложени. Тој посочи дека односите во семејството и на училиште се главните генератори на стравот од насилство, вербално и физичко, кај припадниците на геј-заедницата.

-Припадниците на геј-заедницата често бараат ескапизам во дрогата и алкохолот заради отфрленоста од родителите и соучениците. Оттаму, голем број гејови развиваат и живеат два идентитети, вели Андоновски.

Уранија Пировска се потсети на нејзиното доаѓање во Хелсиншкиот комитет во 2012 година, кога не ѝ биле познати сите сегменти од животот на ЛГБТИ-заедницата, бруталноста на која биле подложни нејзините припадници и отфрленоста од нивните семејства.

-ЛГБТИ-културата кај нас во тој период беше невидлива, иако постоеше, и почна да се еманципира. Го отворивме ЛГБТИ Центарот за правна поддршка и „сигурна куќа“ која ги згрижува жртвите. Годинава ја организиравме и „Парадата на гордоста“, посочи Пировска.