Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ веќе 40 години во Битола ги собира кинематограферите од земјава и светот. Четириесетгодишен јубилеј е зрела возраст на фестивал со потврдено меѓународно реноме, и оттаму прашањата: каква е иднината на овој фестивал; каква е иднината на филмските фестивали воопшто; како фестивалите (ќе) се справуваат со подемот на „стриминг“ платформите за продукција и прикажување филмови и колку тие ќе влијаат врз фестивалските формати?

На оваа тема размислуваат филмските критичари Тео Воцос од Германија/Грција, Паул Каценбергер од Германија, Миха Брун од Словенија и Џевдет Тузлиќ од Босна и Херцеговина, долгогодишни гости и пријатели на фестивалот „Браќа Манаки“.

Тео Воцос:

Фестивалот „Браќа Манаки“, чии 40 години се бројка со која може да се гордее, не треба да се грижи за неговата иднина. Мислам дека е најголем филмски настан во земјата, голем број млади македонски филмски работници го посетуваа фестивалот, а сега тука ги презентираат нивните филмови. „Браќа Манаки“ е многу битен настан за филмската заедница во Македонија. Предизвикот, слично како во минатото, е да се подобри не толку добрата фестивалска инфраструктура. Ќе биде многу подобро ако има и трета и четврта локација за прикажување филмови: Имам впечаток дека фестивалот имплементира нови програми – како фокус на Црна Гора и Грузија – па не е можно, во постоечките услови со по една проекција, да ги гледате филмовите кои што се во натпреварувачката програма и да ги следите и другите програми. Би било подобро во иднина да има и втора проекција на филмовите. Мислам дека тоа е главниот предизвик на „Браќа Манаки“ – да изгради подобра инфраструктура за прикажување филмови. Инаку, фестивалот со децении наназад покажува дека е важен настан за многу познати кинематографери, кои доаѓаат и од најоддалечените точки на светот.

Не мислам дека филмските фестивали во светот се соочуваат со криза. Сите тие нови медиумско-технолошки феномени како „Нетфликс“ не се проблем, нивните продукции се прикажуваат на престижни фестивали. Фестивалите ќе се менуваат во иднина бидејќи сè повеќе ќе ги имплементираат новите феномени произлезени од технолошкиот развој. „Рома“ на Алфонсо Куарон, во продукција на „Нетфликс“, победи на Венецискиот фестивал минатата година и учествуваше на многу други фестивали. Интернет-форматите ќе бидат повеќе застапени на филмските фестивали. Сметам дека фестивалите не треба да имаат проблем со оправдувањата зошто (би) ги вклучувале новите формати. Фестивалите се можност луѓето да присуствуваат на нив, да дискутираат за филмовите, како места за состаноци, како места на кои се прославува филмот… Мислам дека филмофилите – не само филмските професионалци – имаат потреба да присуствуваат на фестивали.

Паул Каценбергер:

Главниот предизвик што денес го имаат филмските фестивали во светот е како да се справат со промените во филмската индустрија. Луѓето сè помалку гледаат филмови в кино, а сè повеќе на стриминг платформи како „Нетфликс“. Некои од главните фестивали немаат проблем со овие платформи, Кан има проблем… Не би знаел да кажам кој ќе победи во оваа битка. Но, не мислам дека тоа е крајната закана за фестивалите. За филмските фестивали е многу битен и регионот каде што се одржуваат. Ако имате етаблирани фестивали како Кан или Берлинале, тогаш постои голем национален интерес за да се вложат многу пари во такви настани, атрактивни за земјата. Берлинале е толку силен бренд што луѓето на неговите програми гледаат филмови кои што вообичаено не би ги гледале. Во Франција и Германија има телевизиски канали, формирани со поддршка на државни фондови, кои прикажуваат арт-филмови кои ги едуцираат луѓето. На нив се прикажуваат филмови две години по премиерите на Берлинале, на пример, и никој не ги гледа, додека, пак, кога се прикажуваат на фестивалот, доаѓа многу публика, заради силниот бренд на Берлинале. Овој фестивал е многу силен бренд за филмската индустрија и за целиот свет подолго време, па зошто Германија би се откажала од неговата важност.

Предизвиците на „Браќа Манаки“ се од тотално различна проблематика. Во Визбаден, Германија, постои специјализиран фестивал за филмови од Источна и Југоисточна Европа, но тој регион нема силна филмска индустрија. Беше формиран од идеалисти, и сега по 20 години се соочуваат со тешка битка околу финансирањето, како што има и овој фестивал во Битола. „Браќа Манаки“ е битен настан за Македонија, покровител на фестивалот е претседателот на државата и целата нација стои зад него. Иако „Браќа Манаки“ не е најпознатиот фестивал во светот, тој е многу добро познат во регионот, со мала земја зад него, се бори за преживување, но и поголеми фестивали се борат за опстанок! Мислам дека фестивалот е битен за земјава, бидејќи е многу битен културен настан, на него доаѓаат и филмски професионалци и студенти, има голем број пријатели во светот бидејќи е специјализиран за филмската камера… А од друга страна повторно се поставува прашањето колку е атрактивен за да се обезбедат финансии за неговото издание наредната година.

Миха Брун:

Фестивалот на кинематограферите во Битола е настар специјализиран фестивал во светот. Веројатно било макотрпно да се издржат 40 години во земја која што често менувала политички системи, од Социјалистичка Федеративна Република Југославија, па независна Македонија како ФИРОМ, па од оваа година Северна Македонија, а изминативе децении имаше присвојување на браќата Манаки од разни страни. Како и да е, сето тоа воопшто не го намалува значењето на браќата Манаки, чии имиња ги носи фестивалот. Посетувајќи го фестивалот многу години, знам дека имало и влијанија на политиката, што не било добро, а би било добро фестивалот да има финансиска поддршка од институциите, но без политички интервенции. Посетеноста на фестивалските програми од страна на студентите и граѓаните на Битола, но и од цела Македонија, треба постојано да се поттикнува.

Светските фестивали? Порано велеа дека телевизијата ќе го уништи филмот, а сега мислам дека телевизијата му помага на уметничкиот филм да ја преживее „болеста“ наречена – блокбастери! Одлични актери, сценаристи и режисери немаат што да бараат во оваа моментална констелација во која се наоѓа филмската индустрија, кои прејдоа во продукциите на филмските серии кои стануваат сè посериозни. Како што вели Алберто Барбера од Венецискиот фестивал, авторите одат на платформите, како „Нетфликс“ и „Амазон“, затоа што таму имаат одврзани раце да прават филмови какви што сакаат, потоа им го испорачуваат филмот или серијата, и сето тоа има одек. Мислам дека ќе биде интересно, ќе биде поразлично од сега. И дигиталната техника донесе промени во светот на кинематограферите, некои се корисни, некои имаат маани.

Џевдет Тузлиќ:

Јас сум оптимист кога се работи за иднината на филмските фестивали, бидејќи сметам дека било кои технолошки иновации не можат да уништат нешто што има посебна уметничка вредност. Кога се појави интернетот, се постави прашањето дали ќе опстане радиото, па еве имаме радио. Така и со фестивалите. Не можеш да се сретнеш со толку многу луѓе, да разговараш со нив, да си наздравите со чашите на социјални мрежи. Не треба да се занемарат податоците дека филмовите кои победиле на фестивали добиле посебен интерес кога се прикажуваат в кино. Стримиг платформите однесоа еден дел од кино-публиката, но сè уште постои публика која сака да гледа филмови на големо платно.

Прв пат бев на овој фестивал пред цели 35 години, кога лутите пиперчиња од Битола патуваа со воз до Загреб, и на тамошните пазари се продаваа „како алва“. И тогаш и сега уживаме во атмосферата која што Битола знае да ја направи за фестивалските гости. Малку е сменето со годините, па веќе не седиме во бавчата на тој газда што носеше пиперчиња во Загреб, туку седиме на други места низ Битола, но тоа е небитно. Битно е што „Браќа Манаки“ е редок фестивал во светот, има само неколку кои се фокусирани на филмската камера. Битола пред 40 години ја препозна важноста на тој сегмент во филмската уметност и постигна сјајни резултати. Кога ќе ја погледнеме документацијата и фотографиите со големите имиња на светскиот филм, кои доаѓале во Битола и се дружеле со луѓето и новинарите, можам само да заклучам дека „Браќа Манаки“ има иднина.