21 септември, Битола – Френк Грибе, кинематографер на филмот „Лара“, кој беше прикажан во главната компетиција, денеска во разговор со Благој Куновски – Доре, селектор на програмата се потсети на своето прво доаѓање во Битола пред 24 години.

-Филмот „Лара“ има поестетски пристап и создава атмосфера со главниот лик, која во Карлови Вари беше наградена како најдобра актерка. Неговиот последен филм е трета соработка со еден од најинтересните режисери и претставува германски филм со француска естетика. Вчера околу 450 луѓе го гледаат филмот и публиката остана до крајот на филмот, рече Куновски.

За тоа какво е чувството да се присуствува на проекција на која се исполнети седиштата, за естетиката на филмот и соработката со режисерот, Грибе рече дека им требало подолго време за да го најдат заедничкиот јазик со режисерот Јан-Оле Герстер.

-Откако на првиот ден за снимањето ја поставивме камерата и почнавме да се движиме, следниот ден режисерот рече дека треба да бидеме статични и така продолживме да снимаме до крајот на филмот со статични кадри. Зборувавме при снимањето за работата на Бергман и Антониони и нивното влијание може да се почувствува во филмот, рече Грибе.

Во филмот се мешаат трагедија и комедија, а поголемиот дел од тоа е содржано во сценариото, кое е старо 10 години. Сценаристот доаѓа од Словенија, Блаш Кутин, и тој ја раскажа приказната за Лара, која го слави 60-от роденден и во таа посебна вечер нејзиниот син ќе одржи дебитантски пијано-концерт. Лара ја зацртала неговата музичка кариера, но на настапот не е добредојдена…

-Снимањето на филмот почна со стариот професор, а сцените од концертот се снимаа подоцна, бидејќи во салата постојано се одржуваа некакви настани и немавме многу време за снимање, така што работевме 33 дена, со буџет од 3 милиони евра, објасни Грибе.