21 септември, Битола – Ерик Готје, кинематографер кој минатата година на фестивалот „Браќа Манаки“ ја доби наградата „Сребрена камера 300“ допатува во Битола и денеска сподели искуства од учеството на фестивалите во Венеција, Кан и овде во Битола.

-Секогаш е задоволство да се биде во Битола. Благодарен сум што ме побаравте да бидам член на жирито, но поради обврски не можев да учествувам, а еве направив напор да дојдам на свеченото затворање на фестивалот. Овде се запознавам со многу кинематографери, драго ми е што Ед Лахман и Арванитис имаа специјални проекции во нивна чест, бидејќи тие се мои пријатели и колеги кои многу ги ценам, и каде би дошол на друго место ако не овде – на местото каде се спојуваат кинематограферите, рече Готје.