20 септември, Битола – Глеб Филатов, кинематографер на рускиот филм „Бикот“, кој е во Главната компетиција за Камера 300, денеска на средбата со новинарите говореше за идејата за неговото снимање, соработката со актерите, финансирањето филмови во Русија…

-Ова е млад кинематографер од Русија, кој на експлозивен начин ги доловува проблемите во Русија, особено приказните од подземјето. Во овој филм има една суштинска енергија и заедно со „Клетници“, „Пирани“, „Езерото на дивите гуски“ и уште неколку филмови кои беа прикажани на ИФФК „Браќа Манаки“ говорат за локалните злосторнички банди. Во „Бикот“ се гледа декаденцијата на општеството во ерата на Елцин, рече Благој Куновски -Доре, селектор на Главната програма и уметнички директор на фестивалот.

Филатов рече дека проектот почнал како резултат на долгогодишна соработка со режисерот Борис Акопов, со кој снимиле неколку кратки филмови каде научил да држи долг кадар и морал да сними сцена само во еден кадар. Во однос на влијанието врз него како автор, Филатов наброи неколку референци.

-„Dallas Buyers Club“ имаше најголемо влијание на мене за да почнам да снимам, бидејќи изгледа како лесно да е снимен, естетиката е агресивна, но ја раскажува на лесен начин со лесно природно светло и сето ова станало моја референца при работењето. Исто така и филмот „Добри времиња“, во кој кинематограферката Лиса Фати, која од Франција дојде во Русија, сними одлични сцени речиси без никакво светло и затоа тоа делува едукативно и поттикнувачки. Додека во однос на режисерските референци тоа е телевизиската серија на Стивен Содерберг „The Knick“, каде се прави историска слика со подинамична камера и повеќе движења, објасни Глеб.

Филмот е финансиран од Министерството за култура на Русија со 25 милиони рубљи, тоа се 400.000 долари и тоа за нив било добро бидејќи, како што вели Глеб, конечно можеле да работат.

-Додека немаше буџет ние сите седевме дома и си ги скициравме кадрите. Но потоа баравме локации за снимање со сопствени возила… буквално беше направен како студентски филм, се подготвувавме седум месеци и затоа можевме да си го дозволиме ваквиот тек на подготовка на снимањето. Сметам дека е важно каде, колку и кога ќе снимате и затоа филмот изгледа толку професионално, иако не се вложени многу пари, рече Филатов.