Во организација на Агенцијата за филм, деновиве во Битола се одржува интензивната работилница Pre-writing workshop (на програмата LESS IS MORE) во рамките на 40. издание на фестивалот „Браќа Манаки“.

Pre-writing workshop во Македонија се одржува врз основа на воспоставеното едногодишно партнерство на Агенцијата за филм и Le Groupe Ouest, која е основач на европската програма за развој на долгометражен игран филм LESS IS MORE.

Ментори на работилницата се Пјер Хоџсон и Нолвен Гуизиу, а учесници се шест македонски автори и тројца автори од регионот (Црна Гора, Словенија и Хрватска).

Учесниците на оваа петдневна интензивна работилница имаат уникатна можност преку креативни и оригинални вежби да ги развиваат своите идеи за филмови. Карактеристично за оваа работилница е тоа што, преку искуството на менторите и претходно утврдената програма за работа е исполнета со навистина оригинални начини за анализа на карактерите и дејствијата во идеите за филмови, преку кои учеснците ги подобруваат своите вештини за развој на приказните и се здобиваат со знаења за тоа како да се поттикнат себеси и да придонесат кон поголема оригиналност, автентичност и атрактивност на своите идни филмови.

Во склоп на оваа програма, од страна на Агенцијата за филм во соработка со LESS IS MORE беше оргaнизиран и еден Мастерклас (18.09.2019 г. во Порта Џез), отворен за јавноста, на кој Пјер Хоџсон говореше за новите начини за развој на сценарио. На Мастеркласот гостин беше и нашиот режисер и сценарист Ѓорче Ставрески, кој го сподели своето искуство за учеството во годишната тренинг програма на LESS IS MORE.

Le Groupe Ouest (основана во Brittany, France во 2006 година), со повеќе од 700 професионалци од филмската индустрија обучени во процесот на пишување (од повеќе од 50 земји), прерасна во број 1 во Европа во таа област. Целта на програмата е да го овозможи создавањето на филмови преку поттикнување и поддршка на соработката и иновацијата помеѓу европските земји. Програмата е насочена кон сценаристи, филмски автори и развој на вештини за пишување на сценарија и претставува иновативен пристап на истражување и создавање, притоа создавајќи врска помеѓу раскажувањето приказни и новата визуелна технологија.

Le Groupe Ouest е основач и на програмата Less is More – eвропска програма за развој на долгометражни филмови со ограничен буџет. Во 2014 година Le Groupe Ouest го создава и првиот фонд посветен на поддршка на независни филмови – Breizh Film Fund.