Студенската програма на 40. ИФФК „Браќа манаки“ се состоеше од 4 работилници за студентите и презентација на студентски филмови од 14 академии од Балканот и од нашата држава.

Ревијата на студентските филмови започна на 16 септември во Малата сала на Домот на културата, се состоеше од 26 филмови со вкупно времетраење од 300 минути, кои се прикажуваа секој ден, а по кои имаше дискусија за прикажаните филмови.

Во рамките на Студентската програма се одржуваа и работилниците наречени Student’s hangout, на која студентите имаа можност на еден неформален начин да разговараат со лауреатот на „Златна Камера 300“ за животно дело – Едвард Лакман.

Покрај сесијата со Едвард Лакман, студентите разговараа и со финскиот режисер Арто Халонен за неговиот најнов документарен филм „Back Towards Light“, кој ја опишува голготата на преживеаната девојка, која била жртва на трговија со луѓе во Тунис.

На 17 септември се одржа третата работилница за студентите со проф. Александар Трајковски, кој ја презентираше музиката во македонскиот филм од 1952 до 2015 година. По работилницата, Александар им подели бесплатен примерок од својата книга „Музиката во македонскиот игран филм: од Фросина до Лазар“ на сите присутни во салата.

Последната работилница се одржа на 19 септември со режисерката Наташа Димитровска, која беше ко-авторка на филмот „Заклучени невремиња“ заедно со Вања Димитрова. Студентите имаа прилика да разговараат со режисерката за нејзиниот филм, кој преку интервјуа и опсервациони кадри ги опишува условите на женскиот дел од КПУ „Идризово“ и ЈЗУ Психијатриска болница „Негорци“.