19 септември, Битола – Селекторката на програмата „Мак поинт“, Ана Василевска ги соопшти добитниците на наградите од публиката за најдобар филм што го гледала на „Браќа Манаки“ во оваа категорија.

– Најголем број гласови од публиката доби филмот „Скопје 2020“ на Радован Петровиќ, второто место го освои филмот „Другарот“ на Димитар Оровчанец, а третото место го делат филмовите „Писмото ми го донесе шампионот“, документарен филм на авторите Александар Манасиев и Мирко Трајановски, и „Јас не сум Игор“ на Сергеј Георгиев. Филмот Скопје 2020“ освен што е добро сработен со автентичен авторски печат, е и многу важен во моментов, бидејќи во него има ангажираност и гласно зборува за загадувањето – проблемот со кој се соочува не само нашата држава, туку и светот. Треба да се подигне свеста и индивидуално и колективно, зборува за тоа колку сите ние забораваме на елементарните човечки потреби. Морам да потенцирам дека на оваа тема говори и филмот „Пепел“ на Ѓорѓи Лазов, но на сосема поинаков начин и со друга естетика, истакна Василевска.

Според Александар Манасиев „годинава има многу поквалитетна програма во ‘Мак поинт’ програмата, но тоа е поттик за професионалците да целат малку повисоко“, а за филмот „Другарот“, говореше Самир Љума, кој е продуцент на овој филм, и изрази задоволство што филмот е дел од Мак-поинт програмата бидејќи „ова е дебитантски филм на Оровчанец, Петар Арсовски има улога за паметење, а Владимир Самоиловски зад камерата завршил одлична работа“.

Мирко Трајановски, режисер и сценарист на филмот „Писмото ми го донесе шампионот“ рече дека првичната идеја била да се раскаже приказната за поштарот од Велес кој е државен рекордер на Македонија во трчање ултрамаратон, но и изумирањето на испраќање писма по пошта како комуникација.