19 септември, Битола – Филмските професионалци и гостите на ИФФК „Браќа Манаки“ ја имаа посебната чест да присуствуваат на мастер-клас со Јоргос Арванитис, грчки кинематографер со култен статус во Европа и светот, и со близу 150 наслови во неговата кариера. Арванитис ужива посебен статус на своевиден родоначалник на арт-филмот во Грција и Европа.

Директорката на фестивалот Гена Теодосиевска го најави добитникот на „Златната камера 300“ за животно дело, Јоргос Арванитис, а разговорот го модерираше филмскиот критичар Масимо Леки.

Арванитис е роден во едно грчко село во 1941 година, во мрачните денови на Втората светска војна. По разурнувањата во војната неговото семејство се преселило кај роднини коишто имале млекара, па Јоргос како петгодишно дете наутро разнесувал млеко, а попладне одел на училиште. Школувањето го продолжил учејќи за електричар, а првпат отишол в кино на 15-годишна возраст.

Првиот контакт со професионалниот филм му било кога во соседството се снимал некој филм, па Јоргос го замолил кино-операторот од локалното кино да му помогне да работи нешто на сетот. Најмногу бил фасциниран од камерата, и вели дека за тогашните деца камерманите биле вистински богови.

-Најдов една црно-бела трака, и со помош на две светла го снимив мојот прв филм. Филмот го прикажав во киното и добив понуда да бидам асистент на камера. Следните пет години бев асистент на камера, Арванитис се присети на неговата младешка фасцинација со филмот.

Веќе на млада возраст го снимил неговиот прв филм како снимател, а иако не одел во филмско школо, го почитувал советот на постариот камерман да гледа и да памети сè на снимањата, бидејќи само така можел да стекне поголеми знаења.

Пресврт во неговиот живот било кога го сретнал неколку години постариот Тео Ангелопулос, кој во почетокот на 60те години се вратил од Франција. Модераторот Леки примети дека е необичен спојот на Ангелопулос, кој бил марксистички настроен филмски критичар, и самоукиот кинематографер Арванитис, кој научил сè за камерата снимајќи филмови.

-Заедно со пријателите снимавме некои кратки филмови, помагајќи си еден на друг. Еден ден дојде Ангелопулос со негово сценарио. Го прочитав и сфатив дека во него лежи филм. По 33 дена и со четворица актери, од кои само еден беше професионален, го завршивме филмот, раскажува Арванитис.

Арванитис потенцираше дека во пионерските денови на неговата кариера бил голем ентузијаст и ги преземал ризиците. Леки, пак, примети дека уште во првите заеднички дела на Арванитис и Ангелопулос се гледаат пејзажите од Грција, коишто ќе бидат доминантни во целиот опус на Ангелопулос.

-Имав проблем со Ангелопулос бидејќи тој во неговите филмови постојано ја избираше истата локација – Воден (Лерин), вели Арванитис.

Пресвртна точка во интернационализирање на нивните кариери е филмот „Пејзажи во магла“ од 1980 година, а нивниот последен заеднички филм е „Вечност и еден ден“ од 1998 година. Тој филм беше овенчан со „Златна палма“ во Кан.

Веќе вториот заеднички филм „Деновите од 1936“ е снимен во колор. Во тој период Арванитис бил вработен во едно филмско студио, а секој ден во попладневните и вечерните часови работел со Ангелопулос. Од филтрите кои „отпаѓале“ заради неадекватната боја во процесот на снимање на филмови во студиото со Ангелопулос го снимиле нивниот втор филм. Кога требало да снима комедија, Арванитис си дал отказ и ја продолжил кариерата како freelancer. Останатото е подобриот дел на историјата на грчкиот и европскиот филм од 60-те години до денес.

Во тој период со Грција владеела воената хунта, па Арванитис раскажуваше анегдотални случки како ја избегнувале цензурата за левичарските арт-филмови што ги снимале со Ангелопулос.

Раскажувајќи за неговото професорско искуство на филмската академија „Фемис“ во Париз, Арванитис потенцираше дека може да се направи добра сцена со малку светло и многу организација. Така во работата со 5 студенти и една девојка како актерка-модел најпрвин ги испрашувал за условите во кои живеат, па тргнувајќи од скудноста во која егзистираат им ја дал следната задача: им дал соба со еден кревет и една столица, 30 метри негатив лента, еден рефлектор и време од половина час да снимат сцена во којашто ќе доминира осаменоста.

-Само еден студент успеа во задачата, користејќи го мекото светло во позадина и отсјајот од металната кутија на камерата. Тој ја „напиша“ сцената со светлина, раскажува Арванитис.

Тоа е и неговото кредо. Арванитис потсети на значењето на зборот фотографија, од фотос-светлина и графос-пишување, пишување со светлина. Тој го посочи и примерот кога снимал долга сцена, а во прв план требало да има деца. Наместо да користи многу светло, тој означил патека по која се движеле децата, а мноштвото од луѓе околу нив го претставил низ нивните сенки.

Модераторот Леки потсети на естетиката на Арванитис и Ангелопулос со нивните долги кадри во движење во природа, и овие двајца креативци биле единствени автори во 80-те и 90-те години на минатиот век кои ги користеле таквите кадри. Леки го илустираше нивниот креативен однос како играње тенис и префрлање на топката од еден кај друг, на што Арванитис додаде дека имало случаи кога таа игра се претварала во вистинска „тепачка“ на идеи и ставови.

Следната фаза во кариерата на Арванитис е професионалното остварување во Франција.

-Отидов во Франција за да станам попознат и пошироко, бидејќи да останев само во Грција ќе останев да работам во телевизија, вели Арванитис.

Леки посочи дека филмовите што Арванитис ги правел во Франција биле многу поинакви од оние во Грција. Арванитис се согласи со неговата констатација дека ги напуштил пејзажите и влегол во становите.

-Точно е дека со некои режисери сум имал некакви проблеми, особено со оние кои знаеја да викаат „јас сум режисер!“. Сега, пак, многу млади режисери сакаат сè да знаат и сè да кажуваат, сметајќи дека филмот е само нивна работа, вели Арванитис.

Австралискиот кинематографер Рон Јохансон се вклучи во разговорот со потсетувањето дека како мали ги гледале филмовите на Арванитис, проектирајќи ги на чаршав.

-Се воодушевувавме, се мислевме како го прави тоа. Какво искуство имавте кога рабовте во Австралија?

-Точно е дека некое време работев и во Австралија. Она што знаеше да ми смета е тоа што тие правеа паузи за сенешто, за утрински, пладневен чај… Но, сепак, беше многу добро за мене, одговори Арванитис.

Арванитис посочи дека кинематографијата почнал да ја разбирам преку танцот, сликата и она што е внатре во неа да изгледа како добар танц, како и преку сликарството, сфаќајќи многу за композицијата, боите и фокусот.

Кинематограферот Најџел Волтерс го праша Арванитис за мотивот да снима на филмска лента.

-Денес мислам дека повеќе се снима дигитално заради тоа што било побрзо и поекономично. Викаат дека филмот во дигитална форма е поинаков, но не е, сѐ е исто. Пак има актери, пак има сценарио, костими, камера, светла… Само технологијата можеби малку ја олеснува работата, нема потреба да се подготвува филм, нема забуни во собата за монтажа околу филмските ленти, смета Арванитис.

Тој посочи дека кога снимале на филмска лента, режисерот бил до него и работеле заедно со актерите.

-Сега работам сам со нив, а режисерот седи некаде на страна, гледа сè на монитор и му зборува на мониторот, вели Арванитис.

За крај на разговорот модераторот Леки му го постави прашањето дали мисли дека неговото најдобро дело е веќе позади него.

-Не знам, чекам да видам. Дури ме држат нозете ќе работам, после ќе видиме, вели Арванитис.