19 септември, Битола – Јоргос Карвелас, кинематографер на филмот „Келнер“, кој беше прикажан во програмата „Европски перспективи“, го пренесе искуството од работата на оваа урбана драма која се случува во Атина.

-Навистина ми беше задоволство што бев прв гостин во програмата „Кино на отворено“ во Музејот. Филмот е дебитантски филм на режисерот, инспириран е од фактичка приказна која ја искусил режисерот пред неколку години во Њујорк, за девојка која исчезнува, а претходно се среќавале секој ден. Се подготвувавме околу два месеци, снимавме 4 недели, а монтажата траеше околу 2 недели, рече Карвелас, кој призна дека во работата му влијаеле дела од Караваџо, од филмови на Дејвид Линч итн.

Инаку, од годинава „Браќа Манаки“ доби уште еден фестивалски простор, тоа е дворот или како што битолчани го нарекуваат „пацио“ на Музеј и завод – Битола, каде на отворено се прикажуваат дел од фестивалските филмски програми. Програмата на Кинотека, традиционалниот партнер на фестивалот, се одржува во битолската „Магаза“.