19 септември, Битола – Доминик Велински, дистрибутерка-продуцентка од Франција и годинашен член на жирито во главна компетиција на ИФФК „Браќа Манаки“ и македонската режисерка Елеонора Венинова ги споделија искуствата од реализацијата на проектот ЈИЕ ФАБРИКА, кој вчера беше прикажан во рамките на програмата Европски перспективи.

-Станува збор за еден филмски омнибус наречен ЈИЕ ФАБРИКА, кој на Сараевскиот филмски фестивал беше прикажан под насловот „Сараево, љубов моја“ и продолживме да го користиме тој наслов. Тоа се 5 филма од 10 режисери, секој филм е направен во тандем на режисер од Југоисточна Европа и режисери од други држави од Европа, објасни Слаѓан Пенев, селектор на програмата „Европски перспективи“.

Доминик Велински за концептот рече дека „идејата ја добила пред 8 години, бидејќи како продуцент подолго време имала чувство дека повеќето луѓе не гледаат филмови од овие земји“.

-Можноста се појави на фестивалот во Кан, кога се побара поголема промоција на Ирска. Ја искористив таа можност како идеја, им посочив дека ако сакаат да ја претстават земјата која има талент, која е гостопримлива итн. треба да правиме филмови заедно. Во Кан проектот беше одобрен и стана идеја за откривање нови гласови, нови режисерски идеи и првата година проектот беше претставен во Тајпеј, па потоа следуваа Финска, Данска, Чиле, Тунис, Либан и еве сега во Југоисточна Европа. Идејата беше секоја година да се менува земјата, да се оди во друга земја и да ја направи истата видлива во Кан, бидејќи овде не станува збор само за режисерите, туку и за земјата, раскажа Велински.

ЈИЕ ФАБРИКА ги поврза филмските центри од регионот: Македонија, Босна, Србија, Црна Гора и Словенија, а во Хрватска во тоа време се менувал раководителот на филмскиот центар и не биле во можност да учествуваат.

-Работевме во двојка, налик на брачна заедница и имавме добра комуникација со мојата режисерка, бидејќи на самиот почеток се договоривме дека за секој конфликт ќе зборуваме отворено за тоа. Имаме многу слично чувство за работите, на сетот се одеше лесно, се консултиравме за секоја одлука, рече Венинова, која додаде дека со познатата актерка Сека Сабљиќ имале одлична соработка.