Третиот ден на Јуниор – програмата на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ го одбележа проекцијата на филмот „Волшебното перо“ на режисерот Марек Најбрт, а проекцијата ја следеа децата од основните училишта „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Даме Груев“, „Св. Климент Охридски“, „Тодор Ангелевски“, Заводот за деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“, како и основното училиште „Славко Лумбарковски“ од Општина Новаци, подрачно училиште во село Гермијан.

И овој ден по проекцијата, а во соработка со Битолска Млекара и игротеката „Чудесна земја“, беше организирана детската работилница „Нацртај го својот омилен цртан јунак“, каде децата можеа да ги изразат своите креативни идеи за омилените филмски и телевизиски јунаци.