18 септември, Битола – Режисерката на документарниот филм „Марселин. Една жена. Еден век“, Корделија Дворак, разговараше со директорката на фестивалот Гена Теодосиевска за документарниот филм, но воопшто и за неговата иднина, но и за филмот посветен на извонредната француска филмска режисерка, авторка, продуцентка, актерка и уметница, Марселин Лоридан-Ивенс, радикална хроничарка која го преживеала холокаустот.

-Структурата на документарниот филм, особено во последниве 20 години, е многу променета во Европа и режисерите кои работат документарни филмови почнуваат да истражуваат на еден подлабок начин за да ги состават сите елементи заедно и да ги прикажат сите аспекти, посочи Теодосиевска.

Структурата на проширување на документарниот филм, според Дворак, зависи од условите во кои се прави филмот.

-Кога снимате документарен филм не можете секогаш да претпоставите во каква ситуација ќе се најдете. Јас морав да искусам разни ситуации при снимањето, но најмногу сум фокусирана на протагонистот и повеќе правам портретирање отколку било што друго. Мора да бидете многу добро подготвени, да направите добро истражување за да бидете подготвени за сѐ што може да се случи, но и да бидете целосно отворени, љубопитни, подготвени да го снимите она што ќе се најде пред камерата и веднаш да изреагирате на тоа, иако концептот може да се смени. Вие повеќе не сте оној што води и којшто снима. Приказната и она што се случува пред вас се она што ве води, откри Дворак.

Таа подвлече дека во Германија се поддржува снимањето на документарците, иако тие не прават профит, но тоа е правилно и треба да се прави во цела Европа, треба да се едуцира публиката, бидејќи тие ги менуваат и оние кои работат на филмот, но и гледачите.

-Секој процес ве менува, а во овој посебен случај Марселин соработуваше во филмот на многу необичен начин. Она што ме импресионираше беше тоа што таа беше многу малечка, но имаше голема сила. Секогаш и покрај сите здравствени и други потешкотии, таа наоѓаше начин да се избори за себе и за другите, рече Дворак, која подвлече дека ужива на Фестивалот во Битола на кој се дискутира за филмовите.