18 септември, Битола – На прес-конференција, Тудор Мирчеа, кинематограферот на филмот „Свиркачите“, во разговор со селекторот на официјалната програма, Благоја Куновски – Доре, сподели искуства од снимањето на филмот, кој е политички трилер.

-Ова е фестивал на кинематографери и потребно е тие да бидат овде. Ова е ваш Фестивал, рече Куновски, кој потенцираше дека и при самата селекција на филмовите отворено од нив бара да присуствуваат на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола доколку биде селектиран нивниот филм.

„Свиркачите“ е интересен филм и поинаков е од сите филмови кои ги снимале со режисерот Корнелиу Порумбоиу, со кого се пријатели уште од училишните денови.

-Досега снимавме на филмска лента, но овој пат снимавме дигитално и имавме многу кадри. Драмата се случува во Романија, Канарските острови и во Сингапур. Овој свиркачки јазик на Канарите го учат малите деца на училиште и еден од ликовите во филмот е учител од вакво училиште. Корнелиу гледал документарен филм за тоа и оттаму е идејата за ваков филм. Сцената во паркот во Сингапур беше една од најтешките сцени. Имавме само 10 минути за снимање и поставивме нешто како скриена камера, бидејќи не ни беше дозволено да поставиме дополнително осветлување, рече Мирчеа.

Според него, различниот пристап кај овој филм произлегува од одлуката на Корнелиу да привлече публика, бидејќи тоа е голем проблем. Иако филмовите добро поминуваат на фестивалите во Кан, Венеција итн. публиката во Романија е малубројна.