На вториот ден од Јуниор програмата на 40. ИФФК „Браќа Манаки“ децата имаа можност да ја проследат проекцијата на филмот „Харви и магичниот музеј“ на чешките режисери Ина Евланикова и Мартин Котик. На проекцијата присуствуваа ученици од основните училишта „Стив Наумов“, „Др. Трифун Пановски“ и „Коле Канински“.

Приказната во овој анимиран детски филм е за дете кое ги оживува куклите во еден стар, прашлив музеј и ненамерно го оживува и лошиот мајстор на куклите, Бастор, кој пред многу векови си се оклопувал со делчиња од неговите креации.

По проекцијата, во соработка со Битолска Млекара и игротеката „Чудесна земја“, беше организирана детската работилница „Нацртај го својот омилен цртан јунак“, каде децата можеа да ги изразат своите креативни идеи за омилените филмски и телевизиски јунаци.