17 септември, Битола – Од програмата „Европски перспективи“, селекторот Слаѓан Пенев ја претстави екипата од филмот „Отворена врата“: Севдије Кастрати, Владимир Стојчевски и Фејми Даут. Филмот е копродукција меѓу Македонија, Албанија, Косово и Италија и го прикажува животот во традиционалното општество во овој регион, кое сѐ уште живее со навики кои не им даваат глас на жените, но сега тоа се менува.

-Албанскиот продуцент бараше ко-продуцент од земја која е квалификувана за аплицирање во „Еуримаж“, бидејќи не можеа да аплицираат со ко-продуцентот од Косово и ни понудија да бидеме дел од проектот. Во меѓувреме три пати аплициравме за поддршка на малцинска ко-продукција во Агенцијата за филм на Македонија, но бевме одбивани. На крајот проектот беше поддржан од „Еуримаж“, што ни овозможи да ги покриеме трошоците кои се однесуваа на македонскиот дел од екипата, која беше составена од Фејми Даут како Прв Асистент на Камера, актерот Висар Вишка, композиторот Александар Пејовски и комплетната екипа за продукција и дизајн на звук, предводена од Игор Поповски и неговото студио Аудиохаус, раскажа Стојчевски, кој е ко-продуцент на филмот.

Фејми Даут се задржа на искуството од снимањето на филмот „Отворена врата“.

– Во филмот има многу кадри снимени во автомобил, на фрекфентни улици, имаше интересни случки со малото дете кое глуми во филмот, па честопати имаше и незгоди, но целата екипа беше како едно големо семејство, рече Даут.

Кинематографер на филмот е Севдије Кастрати, која веќе 10 години живее во Лос Анџелес. Таа втор пат е на ИФФК „Браќа Манаки“. Минатата година учествуваше со косовскиот филм „Брак“ и рече дека „местото на кое е сниман филмот – на брегот на Охридското езеро од албанската страна е многу убав, прекрасен предел, каде не би требало да се случуваат лоши работи, но реалноста е поинаква“.

-Контрастот во филмот е дека во преубавото крајбрежно место нема млади луѓе, туку само стари. Сите се отселите во потрага по работа, не можете да бидете самохрана мајка, мора да имате сопруг за да родите дете… Контрастот се постигна со боите на почетокот на филмот кои се темни, а потоа со доаѓањето на сестрата, која е облечена во светли бои, доаѓа светлината и „новото“, и тоа ја прави промената кај главната актерка. Лоши нешта се случуваат во прекрасни места и за тоа зборува овој филм, раскажа Кастрати.