17 септември, Битола – Директорката на фестивалот и селектор на Докментарната програма, Гена Теодосиевска на денешната прес-конференција ги претстави режисерот Арто Халонен и Јонас Пулканен, кинематографер на документарниот филм „Назад кон светлина“. Филмот раскажува приказна за трговија со луѓе, пренесена преку Мариса, девојка која аплицира во адвокатска канцеларија за работа, а одеднаш завршува во Тунис. Едно потресно сведоштво за искуството на девојката киднапирана од човек кој тоа го сторил повеќе од десет пати во Финска и ги носел девојките во Тунис, каде ги претворал во сексуални робинки.

-Дел од филмот ја прикажува терапијата на Мариса која преку сликање си помогна да се врати во нормалниот живот. Таа користеше одредени бои за да ги прикаже чувствата, а јас подоцна ги користев истите бои како структура во филмот. Боите неа ѝ помагаа бидејќи сите моменти се врзани со некоја одредена боја, а ние со директорот на фотографија создававме колор-структура врз основа на нејзината терапија со бои, откри Халонен.

Арто Халонен сакал фиктивни моменти во филмот и тогаш не може да се процени дали актерката е вистинската протагонистка или не. Има битна сублимација на двете личности.

-Имавме една гледна точка во цел филм. Камерата ја претставува гледната точка на Мариса. Користевме посебен објектив за да добиеме замаглен ефект, „антишарп“ ефект. Што се однесува до приказната кога почнав да работам бев шокиран и се прашував дали ова е вистина, рече кинематограферот Пулканен.