16 септември, Битола – Главното жири кое ќе одлучува за добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена камера 300 годинава е во состав: Ед Лакман (претседател), Калојан Божилов, Доминик Велински, Фејми Даут и Ненад Дукиќ. Во составот на жирито доминираат кинематограферите, при претставувањето на жирито нагласи селекторот на главната програмата на Фестивалот и уметнички директор, Благоја Куновски – Доре.

За впечатоците и досега погледнатите филмови, како и за критериумите на нивните за одлуки при изборот на трите најдобри остварување во главната конкуренција тие беа согласни дека не може да се издвојат сликите од содржината.

-Критериумот за доделување на секоја награда е тешко да се одреди, бидејќи е тешко да се одделат сликите од самата содржина на филмот. Кинематограферот може да создаде поетични или автентични слики кои раскажуваат приказна, но ако изостанува актерството тоа ќе се изгуби. Значи, сепак, ја гледате големата слика. Сте избрале силни филмови и изборот ќе биде тежок, но нема да има влијание од тоа што голем дел од филмовите се наградени во Кан или во Берлин. Затоа е важно да има фестивал од овој тип, бидејќи се дава признание конкретно за начинот на кој што ја раскажувате приказната. Проблемот со Оскарите, барем за камерата е што 80 проценти од Академијата се актери и тие не разбираат реално што е камера. Тие гледаат само убави слики. Не разбираат дали е дигитализирано и затоа филмовите, како „Животот на Пи“ и „Аватар“ на Камерон, добија награда за најдобра камера, а тие се целосна анимација, рече Лакман, кој е и претседател на жирито.

Според членовите на комисијата ако нема добра соработка со актерите и режисерите, тогаш нема ниту финален резултат и рекоа дека ќе се обидат да дадат сѐ од себе да го препознаат квалитетот на добрата слика во најдобрите филмови.