Со проекција на првите филмови на Балканот снимени од браќата Манаки, како први балкански кинематографери, почна програмата на Кинотеката на Северна Македонија на 40. ИФФК „Браќа Манаки“. Прикажаниот филмски материјал од браќата Манаки беше во траење од околу 50 минути, а проекцијата со една анегдота ја најави Владимир Ангелов, директор на Кинотека на Северна Македонија.

– Можам да ви кажам една приказна: еден странски гостин од претходните години еднаш ми кажа дека баба Деспина, личноста која е снимена на првиот филм на Милтон и Јанаки Манаки имала 113 години, а филмот бил сниман на почетокот на XX век, во 1905. Тоа значи дека таа е личност која била родена во XVIII век, живеела во XIX век и умрела во XX век. Значи имате можност да видите уникатен филмски материјал за време на оваа презентација“ – рече Ангелов.

Првата вечер беше прикажан и филмот „Полноќни танцувачи“ на неодамна починатиот автор Мето Петровски. Филмот бил снимен во 1981 година и бил прикажан на Манакиевите средби во 1981 год., кога денешниот фестивал „Браќа Манаки“ бил само три години стар. Следните денови во прекрасниот амбиент на „Магаза“ при Музеј и Завод – Битола ќе бидат прикажани филмови во продукција на „Вардар Филм“ и филмови од студентската програма.