16 септември, Битола – Еуримаж одржа презентацијата на новите критериуми за членките на овој европски фонд за поддршка и развој на кинематографиите од континентот. На почетокот на презентацијата директорката на ИФФК „Браќа Манаки“, Гена Теодосиевска, ги претстави гостинот Серџо Гарсија де Леаниз, проект-менаџер на Еуримаж, и македонскиот национален претставик во оваа асоцијација, Татјана Ќурчинска-Пепељугоска. Еуримаж е основан во 1989 година како културен фонд на Европската Унија, со седиште во Стразбур, а Македонија е членка од 2003 година.

Еуримаж има 38 полноправни членки (без Велика Британија) и две придружни членки, Канада и Аргентина. Годишниот буџет на фондот е 25 милиони евра, кои се распределуваат како поддршка на филмските проекти низ 5 (пет) програми. Покрај редовните евалуации на активностите на Еуримаж, во тек е генерална евалуација на овој фонд, од која ќе произлезат и новите критериуми.

„Како што знаете, Еуримаж е наднационален фонд, креиран да ги поддржи копродукциите меѓу земјите-членки. Во таа смисла, ние сме многу среќни што и Македонија е членка на Еуримаж и соработката постојано расте. Бројот на поддржаните филмски проекти од Македонија постојано расте и ние сме многу среќни што сме присутни на Фестивалот на филмската камера во Битола како негови соработници, а, се разбира, и да го одбележиме јубилејот“, вели Серџо Гарсија де Леаниз.

Главната поента на неговата презентација е да се зголеми видливоста на фондот, да им се објаснат можностите на продуцентите и филмските автори кога аплицираат за поддршка на нивните филмски проекти, како и да се зголемат копродукциите меѓу македонските продуценти и филмските автори од други земји – истакна Де Леаниз.

Претставувајќи ги генералните податоци и активности на Еуримаж, Де Лениз ги посочи податоците кои ја креираат сликата за функцинирањето низ бројки. Така, од основањето во 1989 година до денес, Еуримаж комплетирал 2031 филмски проекти, а само минатата година биле реализирани 210 проекти.

Де Леаниз на присутните продуценти, филмски автори и национални претставници им ги претстави чекорите за апликација во програмите на фондот, низ 4 (четири) конкурси годишно. Ревидираната конвенција на Еуримаж до сега ја ратификувале 90 проценти од членките на фондот, меѓу нив и Македонија.