16 септември, Битола – Специјалната проекција на филмот „Џезмен“ на Аљоша Симјановски беше предмет на денешниот разговор помеѓу авторот и Гена Теодосиевска, како селекторка на документарната програма. Тие разговараа за џезот како едно духовно секојдневие, Велибор Педевски – голем љубител на џезот, кому му е посветен филмот, Скопскиот џез фестивал…

-Филмот премиерно беше прикажан на ИФФК „Браќа Манаки“, а скопската премиера ќе се одржи во рамките на „Скопскиот џез фестивал“. Снимен е на неколку локации: Скопје, Њујорк, Софија, Белград… Во овој момент созреа идејата да се направи филм за Велибор Педевски, едната линија на филмот е „life story“, другата е џезот како форма и третата е новите технологии во музиката и џезот. Снимивме 10 големи ѕвезди на џезот и сите одговорија на сценаристичката замисла. Имаме квалитетна фотографија, имаме техника која е врвна, а МРТВ, благодарение на Велибор Педевски ја има најголемата архива за џезот, рече Симјановски.