15 септември, Битола – На почетокот на разговорот, кој го модерираше Стојан Синадинов, со еден од најеминентните македонски композитори на филмска и театарска музика, Љупчо Константинов, тој истакна дека се радува што гледа дека има заинтересирана публика за вакви манифестации, како фестивалот на филмската камера, и дека новиот технолошки развој не ја уништил уметноста. „Ме радува дека уште не е дојден крајот“, рече тој.

Тој зборуваше за улогата на музиката во едно филмско остварување и рече дека се води од тоа дека музиката почнува таму кадешто завршува зборот.

-Се согласувам со она што го кажале и некои големи автори на филмската музика дека најтешко за композиторот е да дојде до темата и тоа одзема најмногу време, рече Константинов, кој ја напишал музиката за филмови како „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Преку езерото“ и многу други.

-Работата со секој режисер е различна. Некој ме пушта јас самиот да ја поставам музиката, друг, пак, самиот одредува за која сцена сака музика. Иако тоа не функционира секогаш така, бидејќи музиката најавува дека нешто ќе се случи или е реминисценција на дејство или чувство.

Константинов рече дека без оглед на сѐ компромис во уметноста не треба да се прави. „Од целото мое досегашно искуство, знам дека најлошо е да се прави компромис“, рече тој.

Тој раскажуваше како некаде кон крајот на шеесеттите години, како младо момче се заинтересирал за музиката, кога во Охрид кога почнал да свири на гитара и време кога го засакал и филмот.

-Човек мора постојано да се образува и надоградува, на младата генерација сега ѝ е многу полесно. Порано беше тешко да се дојде до партитура, а сега сѐ е на интернет. Без оглед на сѐ, треба да се биде љубопитен и постојано да се експериментира“.

Во чест на Љупчо Константинов, годинашниот добитник на наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува ДФРМ, вечерва ќе биде прикажан филмот „Среќна нова’49“ во режија на Столе Попов.