Покровителот на Фестивалот, Претседателот Стево Пендаровски го отвори фестивалот и ја врачи наградата „Златна камера 300“ за животно дело на Едвард Лакман, кинематографер кој досега има две номинации за „Оскар“, „Бафта“ за животно дело и е наречен „Волшебникот со камерата“.

-Односот меѓу кинематограферот и режисерот не е како брак, туку како двојка која танцува. Само прашање е дали двајцата ја слушаат истата музика. Режисерот е оној којшто ја поставува сцената и треба да ги третира кинематограферите како уште еден актер која ја дава својата најдобра изведба, но важно е дали режисерот ќе му овозможи навистина да блесне во сиот свој сјај. Ова е ретка можност за мене, многу слушав за Фестивалот и со години сакав да дојдам овде. Да се биде во друштво на толку големи имиња кои биле лауреати, од кои дел биле мои ментори, како Свен Линквист, Роби Милер… Едноставно не знам дали припаѓам овде, во тоа наследство.

Во овој дел од животот добивањето на едно вакво признание се чини дека е завршница, но мене ми се чини дека покажува оти тоа е постојан процес на учење едни од други и учење преку различни искуства. Патувањето е она што е важно, а не самата дестинација. Ова што денес се случува за мене е повторна посета, на сеќавања, на стари пријатели и на создавање на нови пријателства, рече Лакман.