Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, која го понесе слоганот „Филмот ни припаѓа на сите нас“, се заблагодари на сите кои помогнаа во реализацијата на фестивалот и на сите оние кои во салата седеа на столчето на кое седеле нашите претци на почетокот на „Манакиевите средби“.

-За мене овој фестивал е мојата филмска школа. Јас од 1985 година сум дел од вас, од овој Фестивал. Навистина можам да кажам дека овој Фестивал е мојата голема љубов. Велат дека оние кои прашуваат ја носат светлината. Овие филмови кои ги одбравме за вас ќе ви постават многу прашања, рече Теодосиевска.

На отворањето на четириесеттото издание на ИФФК „Браќа Манаки“ беше прикажан филмот „Болка и слава“. На свеченоста присуствуваше и кинематограферот Хозе Луис Алкаине.

– Втор пат сум во Битола и повторно ова е неверојатно искуство за мене. Мојот прв јазик не е англискиот, не е ниту македонскиот, ниту шпанскиот, туку сликите и се надевам дека преку сликите ќе ви го пренесам она што сакам да ви го кажам, рече Алкаине пред проекцијата.