Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов своето обраќање го започна со „Првите 40 се најтешки“ – што всушност беше мотото зад кое стои организацијата на ова издание на Фестивалот.

-Македонскиот филм имаше мошне успешна година каква што одамна не сме имале. Не само во презентација туку и во продукција на филмовите. Се снимија 7 играни филма, беа да се смета копродукцијата, но претрпевме и огромни загуби. ДФРМ загуби 5 свои филмски легенди: Томе Моловски, Ангеле Кузмановски, Мето Петровски, Кирил Ценевски и Драган Салковски.

Иванов му ја врачи наградата „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ на ДФРМ на композиторот Љупчо Константинов. Оваа година наградата изгледа малку поинаку, а ја изработи „Божиновски“, јувелир од Битола.

-Македонија е мала земја, ние сме мала кинематографија и во таа смисла не смееме да направиме грешка. Досега оваа награда ја добија Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Дарко Марковиќ, Сајмон Пери, Милица Стојанова и „Вардар филм“, нашата највредна филмска продукција. 35 авторски музики за филм направи Љупчо Константинов, работеше со најголемите режисери во македонскиот филм и надвор од тоа, подвлече Иванов при врачувањето на ова големо признание.

Заблагодарувајќи се на ДФРМ за доделената награда и на режисерите кои имале доверба да му доверат да ја напише музиката за нивните филмови, Константинов истакна дека оваа вечер за него има посебно значење бидејќи има потекло од Битола.

-Во изминативе години некогаш бев повеќе, а некогаш помалку успешен, но и понатаму ќе се трудам да бидам подобар и подобар, рече Константинов.