Честитајќи го 40-годишниот јубилеј на фестивалот, претседателот Стево Пендаровски истакна дека тој е резултат на истрајноста и неуморниот ангажман во изминатите четири децении на сите коишто се вклучени во организацијата и во селекцијата на програмата. Со тоа, како што рече претседателот Пендаровски, доследно и посветено е чувано наследството коешто го оставија Јанаки и Милтон Манаки.

-Штом ќе доживее четириесет години, за еден фестивал не велиме дека е стар, туку дека пронашол трајно своето место во културата на една држава и на еден народ. Фестивалот „Браќа Манаки“ започнал како скромен собир во чест на првите балкански кинематографери. Претпоставувам дека тогаш тоа било и еден вид пилот-епизода за којашто ретко кој верувал дека ќе прерасне во реномиран европски и светски познат фестивал. А тоа, секако, дека се должи на најмалку две причини. Нескршливата волја при чекорењето по единствената можна насока на креативноста, што не е лесно во едно непредвидливо и брзо време во кое се менуваа идеологиите, вредностите, границите на државите и на светот. Наспроти таквата динамика, фестивалот тука, во Битола, донесе некои од најмаркантните имиња на филмската уметност, воопшто, меѓу кои и многу кандидати и добитници на „Оскар“.

40-годишниот јубилеј, секако, е резултат и на прецизно конципираниот репертоар низ годините. Филмската уметност е ангажирана уметност која, меѓу другото, зборува и за совеста на општеството. За мене и за многумина, филмските уметници се контракултурните херои кои на филмското платно адресираат дел од најгорливите прашања на нашето време – социјалната неправда, човечкото достоинство, бегалците, дискриминацијата, екологијата… Доволно е да ја прелистаме програмата за да видиме дека огромен број од филмовите се посветени на доминантните теми во светот и кај нас. Тие не само што нè замислуваат, туку и нè охрабруваат да се бориме против рамнодушноста и исклученоста од светот и од животот, нè инспирираат да ја почитуваме различноста и со тоа да создаваме општество на еднакви граѓани, кое ќе нуди иста шанса за сите, потенцираше Пендаровски.