„Едно кадро за мене, едно за историјата“ било мотото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, кои со својот немирен дух ја измениле Битола. Балканската филмска историја почнала токму овде, во Битола, градот со богата културна традиција. Присутните на отворањето на јубилејното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ ги поздрави градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која им посака добредојде на сите, а министерот за култура на Република Северна Македонија, Хусни Исмаили изрази задоволство што на јубилејното славење на филмот на најстариот фестивал за филмска камера во светот, ја има можноста да ја сподели сцената со доајените од македонската кинематографија, и со великаните од светскиот филм.

-Би сакал да се поклонам пред основоположниците на македонската современа организирана кинематографија кои покажаа храбра визија кога пред 40 години, во градот на првите сниматели на Балканот, почнаа да ги организираат тогашните „Манакиеви средби“. Тие пионери, посветени вљубеници во филмот, како и генерациите по нив, и денешните млади филмаџии и менаџери, успеаја да се изборат за блескаво место на фестивалот „Браќа Манаки“ во мапата на огромниот број фестивали за филм во целиот свет. Тие успеаја да го привлечат, да го одржат и да го зголемуваат вниманието кон Битола, кон Северна Македонија, кон филмот во регионот на најврвните филмски професионалци меѓу кинематограферите чие творештво е дел од светската историја на филмот, истакна Исмаили.