15 септември, Битола – По вчерашното свечено отворање на јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ со филмот „Болка и слава“ на Педро Алмодовар, денеска се одржа прес-конференција со кинематограферот Хозе Луис Алкаине.

-Тој е еден од најголемите не само шпански, туку и светски кинематографери. Навистина е привилегија што повторно сте гостин на ИФФК „Браќа Манаки“ – рече Благоја Куновски Доре, уметнички директор на фестивалот и селектор на главната програма при претставувањето на Алкаине.

„Болка и слава“ е ново дело на Алмодовар и како и секогаш тој работи со маестро Алкаине. Специфично е што филмот е автобиографски, Бандерас е алтер егото на Алмодовар, а снимањето е во самиот стан, кој бил трансформиран во студио.

-Многу е чудно, бидејќи пред „Болка и слава“, работев на филмот „Сите знаат“, кој беше во режија на Фархади. Таму имаше 10 главни ликови. Обично кај Фархади има еден, но сега беа повеќе главни ликови, така што имав осум актери во кадарот. Во тој филм многу играв со висока дијафрагма и на тој начин добивавме многу важна длабочина на сликата, така што кога сите се во кадарот – сите беа во фокус. Тоа е чудно во модерната кинематографија, може да имате фокус на сите ликови на екранот. Со Алмодовар не зборувавме премногу за филмот. Си кажавме само две реченици. Се пронајдовме како разговараме за животот додека вечераме, не разговаравме за филмот. Најдовме добар начин на соработка. Тој ми кажува само по една реченица. Само ќе рече: „Сакам фокус врз цел екран“ и бидејќи и јас го имав искуството од снимањето на „Сите знаат“, му реков: „Да, и јас мислам дека треба да има фокус врз сите“. Потоа го подготвувавме филмот само за боите: боите на облеката, на сценографијата и ништо повеќе од тоа, раскажа Алкаине.

За кинематограферот, филмската нарација е неопходна за да се прочита филмот.

-За ова, многу е важен разговорот меѓу Франсоа Трифо и Хичкок. Хичкок вели дека два месеца пред да се почне со снимање тој веќе го снимил, сѐ му е во главата. Тоа сигурно било вистина за неговите филмови, но филмот постојано се менува, тоа е флуиден процес и има свој живот, па може да тргне во еден правец или во друг. И затоа начинот на кој Хичкок размислува е невозможен. Тоа е начин на следење на редоследот на книгата на снимање, но јас сметам дека тоа не е начинот на кој треба да се прават филмовите. Мора да бидеме отворени за било што во текот на снимањето, рече Алкаине.

Според него, „може да видиме многу филмови кои се прекрасни за гледање, но фотографијата не ја раскажува приказната, дури оди во спротивност од самата нарација“.

Споредувајќи ја соработката со Алмодовар во неговите рани години и сега, Алкаине рече дека „има голема разлика затоа што во изминатите години и двајцата многу се смениле“.

-Јас и тој многу се променивме и полесно се разбираме сега отколку на почетокот. Особено кога имавме несогласувања. На почетокот, додека го снимавме „Жени на работ на нервен слом“, речиси не зборував со Алмодовар за светлото во филмот. Тој ми оставаше се мене, но откако ќе видеше ќе ми кажеше дали е добро или не и тогаш настануваше проблем. Боите што ги одбира Педро Алмодовар се многу тешки за да се прикажат на екран. Се скаравме за светлото кое требаше да ја прикаже зелената боја на прекривката на која седеше Бандерас. Бевме скарани повеќе од 16 години и не работев на филм со него. Тој не ме бараше, јас не го барав, сѐ до 2004 година кога Естер Гарсија, која е директор на продукцијата на сите филмови на Алмодовар, ме праша: Дали ти помина лутината? Нема да ти пречи да снимиш уште еден филм со Педро? И тогаш помислив дека 16 години се доволни да помине лутината и повторно работиме. Сега многу добро соработуваме, раскажа Алкаине.