Од името на ИМАГО, Меѓународната асоцијација на кинематограферите, присутните на отворањето на фестивалот ги поздрави Најџел Волтерс.

-Сите ние овде денеска сме собрани за да го славиме раскажувањето преку подвижните слики и да се потсетиме на денот кога Јанаки заминал во Лондон за да ја купи камерата и воопшто не претпоставувал дека алатката која ја купува ќе стане главната алатка на најголемата уметност на иднината. Битола стана Мека на сите кинематографери и како потпретседател на британското здружение на кинематографери дојдов овде да ви ги пренесам честитките и од најголемиот број на лауреати на овој фестивал во изминатите години. Правењето филмови е колаборативен потфат, а исто така и правењето ваков фестивал е колаборативен потфат, рече Волтерс.

Тој се заблагодари и на ДФРМ за помошта што им ја пружиле на ИМАГО за одржување на годишна конференција на ИМАГО која се одржува за време на Фестивалот и која ги обединува деветте кинематограферски друштва од Балканот.

-Многу ми остави впечаток онаа година кога дојдов, а Фестивалот беше префрлен во Скопје, пред отворањето излегов надвор и додека врнеше пороен дожд видов една група голема група луѓе од Битола кои стоеја таму и протестираа затоа што им беше одземен фестивалот. Не знам дали меѓу вас се некои од тие луѓе, но јас сметам дека тие се вистинските херои на Фестивалот, заедно со волонтерите, кинооператорите, сите оние луѓе кои навистина напорно работат за сето ова да се реализира, подвлече Волтерс.