Со големо задоволство ве известуваме дека еден ден пред почетокот на 40-тото јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, во Северна Македонија пристигна Едвард Лакман, годинашнит лауреат на Златна камера 300 за животно дело. Тој на скопскиот аеродром пристигна утринава. Задоволен е што утревечер ќе му биде врачена наградата на фестивалот што ја слави работата на кинематограферите. Тој е љубопитен да ја запознае земјата во која доаѓа, поставува многу прашања за Македонија, го интересира политиката и животот на луѓето. Исто така е заинтересиран за историјата на фестивалот „Браќа Манаки“ и е среќен, како што рече, што е поканет оваа година кога се слави јубилејот.

Лакман е со децении во врвот на американските и светските кинематографери, со неколку филмови оскаровски кандидати, со 2 номинации за Оскар.

Јубилејното издание на фестивалот „Браќа Манаки“ свечено ќе биде отворено утревечер (сабота, 14 септември) во Центарот за култура. Фестивалот за отворен ќе го прогласи претседателот на Р. С. Македонија, Стево Пендаровски, а дел од свеченоста ќе биде и доделувањето на Златната камера 300 за животно дело на големиот светски и американски кинематографер Едвард Лакман.

На годинашниот добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, композиторот Љупчо Константинов ќе му ја врачи Игор Иванов – Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.

На свеченото отворање публиката во Центарот за култура во Битола ќе го види и перформансот чиј режисер е Срѓан Јаниќијевиќ, кој вели дека тој е во контекст на годинешното мото на јубилејното издание на Фестивалот.

„Се работи за своевидно синематично доживување во кое и публиката е вклучена како актер, како еден фрејм од „филмот”. Доживување во кое реалноста се претопува во уметност и обратно. Перформансот го работиме со Искра Шукарова и режисерот Јохан Мелин од Шведска“, вели Јаниќијевиќ.

Сценографијата е на Марија Ветероска и Влатко Чачоровски. Костимите на Марија Папуческа. Музиката е remix на Илија Цветковски од тема од “Среќна нова 49-та” на Љупчо Константинов. Во перформансот (покрај публиката) учествуваат студенти на ФМУ (катедра за балетска педагогија) и Стефанија Милев.

По свеченоста на отворањето, во Центарот за култура ќе се одржат две проекции на најновиот филм на Педро Алмодовар „Болка и слава“. На премиерата на филмот ќе присуствува и кинематограферот Хозе Луис Алкаине.

Во недела (15 септември) во 10 часот ќе се одржи прес конференција со него во Прес центарот на фестивалот.