Секој поголем фестивал или манифестација има своја „мала армија“ од професионалци кои се грижат за техничката поддршка. Обично тие се „невидливи“ за фестивалските гости и посетители. Парадоксално но вистинито, се додека членовите на техничката екипа се „невидливи“ за останатите, тогаш сè е в ред со фестивалот: нема проблеми, сè тече според распоредот, како подмачкано…

Екипата за техничка поддршка на „Браќа Манаки“ брои петнаесет члена, под водство на Ален Стефанов, кој е присутен на фестивалот веќе 16 години, а од 2007 година е технички директор. Членови на екипа се Кони С. Чапова (технички асистент), Игор Илиевски (специјалист за звук/audio specialist), Никола Ѓоргиевски (видео специјалист/ video specialist), Игор Јованов, Аце Ковачевски, Зоран Бејковски (кинооператори/ cinema operators), Сафет Асани (светло мајстор/ light operator), Горјан Главевски (мајстор за сценски звук/audio stagehand), Тони Митревски (сценски мајстор/ stagehand), Оливер Јордановски (шеф на преведувачи и титлери), Лидија Симонова, Александра Кујунџиска, Јане Божиновски, Петрула Вељановска и Милица Ѓорчевска (преведувачи и титлери).

Техничката поддршка бара посветеност, педантност, дисциплина… Работното време им трае и по 16 часа во текот на деноноќието, па ангажманот на некои од техничарите знае да потрае до длабоко во ноќта, поточно до рани зори.

Техничката екипа започнува со работа пет дена пред почетокот на фестивалот, со оспособување на канцелариите, поставувањето и проверката на аудио и видео опремата во Малата сала на Домот на културата. Потоа се проверува видео опремата во Големата сала (за Големата сала се подразбира ДСП формат на проекција, а за Малата сала ХД проекција), се внесуваат филмови во серверот, се проверува квалитетот на сликата, звукот и титлот на македонски и англиски јазик…

Церемониите на отворањето и затворањето на фестивалот подразбираат соработка со режисерот и неговите барања.

-Потешкиот дел од техничката поддршка е на отворањето на фестивалот, бидејќи монтажата на опремата знае да потрае 4 дена, додека демонтажата е полесниот дел од ангажманот и трае еден ден, велат од техничката екипа.

Скромни какви што се, членовите на техничката екипа немаат што друго да додадат за нивната работа. Освен, како и изминативе седум дена, да ви посакаат пријатна проекција, овој пат на свеченото затворање на фестивалот.