Најџел Волтерс од ИМАГО, Федерацијата на кинематограферите од светот со 53 национални здруженија и над 4.300 кинематографери како членови, е редовен – и ревносен! – соработник на фестивалот „Браќа Манаки“ веќе 12 години. Господинот Волтерс до неодамна беше претседател на ИМАГО, а таа функција сега ја извршува Пол Рене Роестад.

Кога Волтерс станал претседател на ИМАГО пред една деценија, првата работа што ја побарале од него била да се грижи за фестивалот „Браќа Манаки“, бидејќи бил третиран како најстар во светот и многу посебен фестивал посветен на кинематограферите.

-За првпат бев на „Браќа Манаки“ пред 12 години, и оттогаш го посетувам секоја година. Во тој период ИМАГО беше европска федерација и првата задача ми беше да ја направам светска организација, бидејќи за кинематограферите не постојат граници. Денес ИМАГО е глобална федерацијана 53 здруженија од целиот свет. Една од причините што го одржав пријателството со фестивалот „Браќа Манаки“ беше намерата да ги спојам различните здруженија на кинематограферите. Ми се чинеше дека е потребно некакво јадро за да организираат. Затоа создадов Конференција за здруженијата на кинематограферите – има девет здруженија – и нејзината цел е да се негува пријателството, соработката и взаемната помош, за да се подобрат условите во кои работат кинематограферите и во кои се снимаат филмовите. Без добра филмска фотографија нема добри филмови. За среќа, љубезноста и дарежливоста на македонските филмски професионалци, и трудот на луѓето како Томи Салковски и Лабина Митевска, кои ја охрабрија оваа идеја, а особено Благоја Куновски-Доре и Гена Теодосиевска, кои продолжија со поддршката, годинава ја одржавме четвртата конференција на ИМАГО, посочува Волтерс.

Обично кинематограферите се „невидливи“ личности за обичната публика. Но, дали можеби е подобро и да остане така, бидејќи на тој начин можат да го сочуваат мирот за креативна работа?

-Интересно прашање! Фактот што имаме фестивали како „Браќа Манаки“ не значи дека не можеме да работиме во мир. Важноста на заедничките средби на двата големи фестивали посветени на кинематограферите – едниот овде во Битола, а другиот во Полска – е да комуницираме меѓу себе, и мојата борба е да имаме мирни услови за работа. Но, ако под тоа се подразбира 16-часовен работен ден, седум дена во неделата, тогаш тоа воопшто не се мирни услови за работа! Кинематограферите спаѓаат во ранлива категорија на луѓе, самовработени, подлежат на барањата на продуцентите, и тоа што не се во фокусот на интересот на јавноста и медиумите е в ред. Минатата година имавме случај на загинат кинематографер во текот на снимањето на сцена со каскадери, а тоа се случило бидејќи не биле почитувани регулативите за безбедност. Значи, да имате „мирен живот“ на филмскиот сет и да го изгубите животот во текот на снимањето на сцена со каскадери е лошо и за нашата професија и за продукцијата. Најразумни работни услови имаме во Европа – најдобрите услови за работа се во Данска – што значи дека можат да се снимат добри филмови без долги часови снимање во текот на денот. Фестивалот „Браќа Манаки“ е од помош за кинематограферите бидејќи нè спојува, можеме да си ги кажеме маките… Кинематограферите се многу дарежливи и имаат голем удел од филмската индустрија: го знам тоа бидејќи имам запознаено толку многу кинематографери, посебно тука во Битола! Кинематограферите се важни бидејќи ако тие работат по 20 часа дневно на филмскиот сет, тогаш и останатите ќе мораат да работат 20 часа. Ако се регулираат условите за работа на кинематограферите на подобро, и ако со продуцентите и режисерите постигнеме разумни услови, тогаш и сите останати професии во филмската индустрија ќе имаат придобивки. Во тоа се состои важноста на кинематограферите, потенцира Волтерс.

Со негови заложби во Битола присуствувале водечките кинематографери од Велика Британија, како Били Вилијамс, Роџер Прат, Питер Сушицки, Крис Менџис, а секако, годинава го имаме Роџер Дикинс.

-Но, не се во прашање само овие имиња од британското здружение на кинематографери: во Битола имав привилегија да запознам професионалци кои ја зголемуваат почитта за нашата професија. На пример, овде го запознав и Виторио Стораро, кој беше сметан за Бог на филмската фотографија. На овој начин се зголемува и свесноста за придонесот на кинематограферите во филмската индустрија. Ако го гледавте годинешното доделување на Оскарите, Роџер Дикинс доби најголеми почести од присутните во салата: кога одеше кон сцената да му ја врачат статуетката, аплаузот за него беше најголем. Затоа што сите го почитуваат, и сите посакуваа да го добие Оскарот по 13 номинации, гордо коментира Волтерс.