Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ денес ги претстави Доминик Бакс, уметнички директор, и Саид Оулд Келифа, директор на Фестивалот на медитеранскиот филм во Анаба, Алжир.

Бакс има повеќе од 30 години искуство во експлоатација, дистрибуција и организација на фестивали и едукативни работилници. Таа е директорка на Magic Cinema во Бобињи, во париското предградие кое има програми за едукација и културни и педагошки активности, потоа директорка на фестивалот „Театар и филм“ од 2014 година, и директорка на фестивалот Резонанции и филмски средби со граѓански пристап. Одговорна за издавање на делото Театар и филм во 30 тома.

Покрај тоа, таа е и претседателка на Здружението Крстосница на фестивалите (Carrefour des festivals), кој ги опфаќа филмските фестивали во Франција, и е член на комисијата за помош во сценарио во Националниот центар на кинематографија (CNC).

Саид Оулд Келифа, пак, остварил успешна кариера во новинарство како репортер, шеф на меѓународната рубрика (Алжир, Франција), соработник на дневниот весник The Nation (САД) и на списанието Cinéma Politique (Франција).

Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот „Браќа Манаки“, претставувајќи ги гостите на почетокот на средбата истакна дека Бакс и Келифа се личности посветени на филмот веќе 40 години, одлични познавачи на филмските фестивали во светот, но и филмски критичари.

Благоја Куновски-Доре, уметнички директор и селектор на главната натпреварувачка програма на „Браќа Манаки“ ги потсети присутните на средбата дека госпоѓата Доминик Бакс била член на жирито на фестивалот во Битола на едно од неговите претходни изданија.

Бакс и Келифа сметаат дека филмските фестивали можат да ја одредат и нечија човечка судбина, па го споделија нивното животно искуство: имено, тие се запознале и вљубиле еден во друг токму на еден филмски фестивал!

-Присуството на филмовите на фестивалитее можност за запознавање со културата на земјата од каде што потекнуваат, потенцираше Бакс.

Но, таа посочи и дека малите кинематографии имаат проблем со пласман на нивните филмови на водечките филмски фестивали бидејќи истите фестивали, како на пример француските, избираат полесен начин за креирање на нивните програми, па земаат филмови од дистрибутерите.

-Има малку филмови од Македонија, Србија, Хрватска, словенските земји од Источна Европа, Португалија… на фестивалите во Франција, забележува Бакс.

Келифа, пак, смета дека на фестивалите и во кино-салите има публика која сака да гледа уметнички филмови.

-Тука на „Браќа Манаки“ го видовме ЛЕТО на рускиот режисер Кирил Серебреников, кој беше учесник и на Канскиот фестивал, вели Келифа.

Мисијата на Бакс и Келифа како филмски критичари е откривањето на нови автори.

-Во 1994 година бевме на филмскиот фестивал во Венеција, и таму запознав продуцент на еден филм кој ме воодушеви. Му кажав на продуцентот дека ќе биде голема неправда ако неговиот филм не го добие „Златниот лав“. Филмот се викаше ПРЕД ДОЖДОТ, режисерот е Милчо Манчевски, а продуцентот Сајмон Пери, Келифа низ анегдота ја претстави неговата мисија како критичар.

Бакс смета дека функцијата на фестивалите е да понудат можност за откривање на нови автори и кинематографии.

-Тука сме затоа што сакаме да ги откриеме македонските филмски автори и да ги претставиме на Медитеранскиот филмски фестивал во Анаба, потенцираа Бакс и Келифа.