27 септември, Битола – Сара Логан Хофстеин, синоќа беше гостинка на Студентската програма. Но, најинтересниот момент од годинешната Студентска програма беше дружењето на Роџер Дикинс со студентите, вели Ѓорѓи Пулевски, селекторот на Студентската програма.

-Директорката Гена Теодосиевска и јас чувствувавме дека нема да има доволно време студентите да го прашаат Дикинс за сите работи и затоа го замолиме легендарниот кинематографер на еден неформален начин да посвети време за идните филмски автори. Се создаде одлична атмосфера, средбата траеше подолго од планираното, студентите поставуваа најразлични прашања: за осветлување, за други технички решенија поврзани со со неговата работа, но сакаа да дознаат и за неговата животна филозофија.

Две интересни работи што ги кажа Дикинс ми оставија впечаток: начинот на справување со грешки кои се антиципирани и како тие да се решат во истиот момент, а сподели и тоа дека двапати бил отпуштен од работа и но тоа не го поколебало да се откаже од работата. А на почетоците на кариерата, некој продуцент му кажал дека не го бива многу за кинематограферската работа, кажува Пулевски.

Студентската програма годинава, првпат е толку амбициозна со толку многу работилници.

-Сакавме оваа програма да биде впечатлив белег за студентите која ќе стане фундамент за развивање на нивните технички и креативни капацитети. Секоја наредна година ќе гледаме да ја реализираме оваа идеја, вели Пулевски.