Рајнер Клаусман е добар познаник на фестивалот „Браќа Манаки“. Во 2004 година ја доби „Златната камера 300“ на 25. Фестивал „Браќа Манаки“ за филмот за СО ГЛАВА ВО ЅИД, а минатата година и „Сребрената камера 300“ за ОД НИШТО, и двата во режија на Фатих Акин. Годинава е член на жирито кое одлучува за наградите „Златна камера“ во официјалната натпреварувачка програма.

Впрочем, Клаусман е најпознат по тандемската соработка со водечкиот германски и европски автор Фатих Акин, со кого ги имаат реализирано и ЗБОГУМ БЕРЛИН (2016), ПРЕСЕК (2014), СОУЛ КИЧЕН (2009), НА РАБОТ НА РАЈОТ (2007)… Во неговата филмографија е забележана и соработката со маркантни режисери како Оливер Хиршбигл (ПРОПАСТ, 2004), Ули Едел (БАДЕР-МАЈНОФ КОМПЛЕКС, 2008), Вернер Херцог (ВРИСОК ОД КАМЕН, 1990) и ЛЕКЦИИ ПО ТЕМНИНА (1991)…

Вообичаено кинематограферите од целиот свет велат дека се посебно почествувани што се натпреваруваат на фестивал специјализиран за филмската камера, како „Браќа Манаки“. Вистина ли е тоа, го прашуваме на почетокот на разговорот господинот Клаусман.

-Апсолутно е така! „Браќа Манаки“ не е шоутајм фестивал, туку посветен на кинематограферите и на тоа како се прават филмови, задоволно вели Клаусман.

Интересно е што кога ќе прашате кинематографер од било која земја во светот да ви раскаже некоја згода, анегдота што се случиле зад камерите, или, евентуално, за гласините за љубовните врски кои се случиле на сетот на некој филм – а за кои пишувале таблоидите во печатена или електронска форма – секогаш ќе добиете еден огромен – молк! Како сите кинематографери од целиот свет уште при првиот ангажман на филм да положуваат заклетва за молчење, која е поцврста и од омерта на италијанската мафија.

-Филмската екипа е како едно семејство, и како што некој човек не би ги изнесувал во јавноста проблемите и недоразбирањата во неговото семејство, така и членовите на екипата не сакаат да изнесуваат детали, да зборуваат за нив со луѓе кои не биле дел од екипата, вели Клаусман.

Позната е неговата долгогодишна соработка со режисерот Фатих Акин. Минатата година дури спомена дека по толку години поминати на филмски сетови, денес прифаќа да работи само со Акин, бидејќи одлично се разбираат меѓусебно, како да се едно повеќе од филмско семејство.

-Се знаеме и работиме заедно веќе 15 години. Тоа не е само професионална соработка туку пријателство, како да се вистинско семејство, објаснува Клаусман.

Минатата година со ОД НИШТО беа блиску до номинација за наградата Оскар за најдобар странски филм.

-Оскарите се убава забава, но не треба да ги земате за сериозно. Досега бев три пати номиниран за Оскар, не верувам дека ќе бидам и по четврти пат. Но, кој знае?!, вели Клаусман.

Еден од најмаркантните филмови кои ги снимил Клаусман е ПРОПАСТ, или попознат како филмот за Хитлер. Интересно е што и толкувачот на улогата на Хитлер, Бруно Ганц, пред неколку години беше гостин на „Браќа Манаки“. Тој во едно интервју изјави дека на многу фестивали му честитале на улогата, но и отворено му кажувале дека не можат да му доделат награда заради – Хитлер. Колку е тоа фер

-Воопшто не е фер, туку е глупаво! Не мора да си убиец за да играш убиец на филм. Ганц е добар актер, кој професионално си ја одиграл улогата, каква е да била таа, смета Клаусман.

Од минатата година во филмската индустрија се разгоре дебатата дали филмовите на платформата Нетфликс, чиј профил е телевизиската продукција, треба да се натпреваруваат на филмските фестивали. Годинава победник на Канскиот фестивал беше РОМА на Алфонсо Куарон, филм на Нетфликс

-Тешко е да се каже тоа. Јас го преферирам традиционалниот начин на продукција на филмови, и не би сакал кинематографијата да се меша со телевизискиот. Денес тоа е тешко, бидејќи сè повеќе филмови се продуцирани од вакви платформи, а и фестивалите сè потешко можат да им кажат „Не!“ на спонзорите кои соработуваат со Нетфликс, Амазон и другите платформи, вели Клаусман за крајот на разговорот.