27 септември, Битола – Од програмата „Мак поинт“, селекторката Ана Василевска ги претстави Лидија Мојсовска, режисерка на „Награда“, Загорка Поп-Антоска Андовска, продуцент на филмот „Татко“ и се осврнаа на квалитетот на продукцијата на македонските филмови, бидејќи постои податок дека од 307 македонски филмови, на фестивалите не може да се видат ниту десет.

-Некогаш избрзуваме во поглед на продукцијата и какви ни се можностите. Имав доста проблеми. Сметам дека треба да се подобри ситуацијата. Секој млад автор ги искусил продукциските проблеми и ова е добар старт да почнеме да ја подобруваме продукцијата, истакна Мојсовска.

Загорка Поп-Антоска е драматург, но беше во улога на продуцент на филмот „Татко“ – дело на Ирма Башеска посветено на нејзиниот татко, Жарко Башески.

-Треба да се истакне дека младите автори се охрабруваат со мали буџети или понекогаш и без буџет да покажат и себе си да си докажат дека знаат што работат. Имаме неколку примери, каде можеби има продукциски проблеми, но заложбата да се направи едно дело од почеток до крај е голема и таа е за почит. Филмот „Татко“ беше снимен со опрема која ја поседува ДАСТА академијата, која е и продуцент на филмот. Работевме со тоа што имавме и јас како драматург можам да кажам дека постојат одлични примери во кои приказната е она што доминантно „ќе го вози“ филмот, особено сега со технологијата која доведува до финален филмски продукт, рече Поп-Антоска.

Заеднички е ставот дека треба да се помагаат и поттикнуваат младите автори, бидејќи кај многумина од нив во нивните биографии до 40-годишна возраст запишани се еден или два филма. И тоа е премалку за да се зборува за сериозно искуство.

Жарко Иванов е режисер и сценарист на анимираниот филм „Кружно патување на монахот“, а Иван Ивановски на анимираниот филм „Образец Б16“ и тие говореа за традицијата на создавањето на анимираниот филм во земјава.

-Анимираниот филм во Македонија имаше традиција до осумдесеттите години и тоа замре. Пред десеттина години почнавме пак да работиме. Достапноста на технологијата ја зголеми продукцијата на анимираните филмови, вели Иванов.

Според Иван Ивановски, во анимираниот филм се работи со многу помалку пари и поддршка.

-Работиме со малку пари од нашите колеги во странство. Идејата и креативноста ја гледам во македонскиот филм, но сакам да гледам инвентивност. Битно ми е да е храбар филм. Секогаш мислам дека тоа е голема предност, да работиме искрено и храбро, и тешките услови за продукција не треба да ни бидат пречка, смета Ивановски.