27 септември, Битола – Во чест на одбележувањето на 100 години од раѓањето на шведскиот режисер Ингмар Бергман, вечерва на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе биде прикажан филмот „Персона“ снимен во 1966 година на остров во Балтичкото море, каде живееше самиот автор, таму ги снимаше филмовите и таму е погребан. По тој повод Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон и директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов ја претставија програмата за одбележување на јубилејот.

-Почестен сум што сум гостин на овој голем и респектиран фестивал, особено што се одбележува јубилеј од раѓањето на големиот филмски и театарски режисер и сценограф, кој беше многу продуктивен. Филмот „Персона“ е еден од неговите најсложени филмови, но и еден од најкритизираните филмови. Но „Персона“ е психолошка драма која е Монт Еверест во филмската уметност. Филмовите на Бергман се многу длабоки, тој е фантастична личност, а чудно е што не доби „Оскар“, иако имаше 8 до 9 номинации. Но, тој не беше многу загрижен за тоа, рече Амбасадорот на Шведска, Матс Стафансон.

Партнер на фестивалот е Кинотека на Македонија, чиј директор Владимир Ангелов се осврна на подготовката на одбележувањето на 100 години од раѓањето на Ингмар Бергман.

-Би сакал да истакнам дека Бергман е автор и на четири автобиографии, покрај режирањето и пишувањето сценарија, така што тој беше една комплетна личност. Имав можност да го сретнам во Стокхолм во 2003 година и тоа за мене беше просветлување, тоа беше еден од најважните моменти во мојот живот. Мислам дека ќе имаме добра година на славење на делото на Бергман и би сакал да успееме да преведеме и некоја од неговите книги, истакна директорот на Кинотека на Македонија, Владимир Ангелов.