27 септември, Битола – Фестивалскиот ден на „Браќа Манаки“ започна со претставување на кинематограферот на филмот „Фокстрот“, Ѓора Бејач. Филмот е прикажан во конкуренција за наградата „Златна камера 300“.

-Се обидуваме да имаме различни филмови, со различни естетики и кинематографии. Секогаш размислуваме за целосниот квалитет на филмот. Го гледав „Фокстрот“ на фестивалот во Венеција и немавме можност да го донесеме на фестивалот истата година, но еве го тука, рече селекторот Благоја Куновски-Доре.

Станува збор за одличен филм, а Бејач пред неколку години освои „Бронзена камера 300“ за филмот „Либан“, едно ремек-дело, на ИФФК „Браќа Манаки“.

-Главните предизвици на еден филм се да ја донесеш приказната, тагата и ситуацијата која во Израел ја викаме „тропање на врата“. Главна цел ни беше да ја донесеме на платното со цел да прикажеме како се чувствува ликот и се обидовме камерата да изгледа како да е внатре во ситуацијата, а не да биде набљудувач. Сакавме да покажеме дека неговиот свет се распадна, во моментот кога го губи синот, а кадарот одозгора требаше да го постигне тоа. Инаку, работам со рачна камера „Ари алекса“. Тоа е она што ми се допаѓа, зашто не треба да работам многу во постпродукција. Оваа камера овозможува сликата да не биде премногу остра, ми се допаѓаше тој стил, но сепак тоа е мој вкус, рече Бејач.

Филмот е многу силен, гледачот се чувствува како сродна душа со главниот лик, како да сочувствува со него.

-Филмот веќе е прикажан во Израел и кај филмската критика помина одлично, но министерката за култура не го погледна, таа е против овој филм и покрај тоа што не го гледала. Но, токму затоа што министерката беше против филмот, филмот доби на публицитет и луѓето сакаа да го гледаат. Вообичаено, филмовите во Израел ги гледаат 60.000 публика, а сега бележиме околу 130.000 посетители кои го гледале филмот. Се работи за политика, а таа ја уништува филмската индустрија, не само во Израел, туку насекаде, објасни Бејач.