26 септември, Битола – Филмот „Засолниште“ во режија на Сара Логан Хофстеин, беше прикажан како специјална проекција. Станува збор за американско-еврејска преговарачка која се преселува во Виена и почнува врска со бегалец од Етиопија. Филмската приказна се поклопува со животната приказна на режисерката и сценаристка, Сара Логан Хофстеин.

-Јас сум Еврејка од САД која живее во Виена. Во Австрија многу работи се случуваа во 2015 година, со кои можеше да се повлечат паралели со настаните во 1938 година. Се повлече канцеларот во Австрија, доаѓаа бегалците и беа сместени во кампови, не во концентрациони логори, но сепак еден вид на кампови, им беа одземани лични предмети, им ги конфискуваа, исто како што им се случуваше на Евреите и сите тие работи ме допреа како Еврејка. Сепак, 95 проценти од Австријците, особено младата популација ги поддржува бегалците и нивната мака, всушност стариот режим е оној што се држи до оние многу застарени и опасни вредности. Но, добро е што Австријците сфатија дека не се жртви во Втората светска војна, туку се сторители, го прифатија тоа и продолжија понатаму. Со филмот ние не сакавме да попуваме никому, но би сакале да ги поттикнеме сите да направат тоа што можат. Еден човек можеби нема да го смени светот, но движењето може и тоа е пораката. За мал филм, тешко беше да се заинтересираат големи компании кои би го помогнале снимањето. Би сакала да истакнам дека имавме прекрасно спонзорство од „Ари“ од кои добивме цела опрема за работа – раскажа режисерката и сценаристка на филмот Сара Логан Хофстеин.

Филмот е работен од екипа која е семејство: Сара е ќерка на Мајкл и Марија Хофстеин кои во овој филм се кинематографер и продуцент, а кои од друга страна имаат богато искуство во холивудските продукции и студија.

-Ние сме како запчаници во семејната машина. Ние сме семејство филмаџии, цел живот го поминавме во студијата во Лос Анџелес, а потоа и во Европа 20 години. Работиме многу хармонично како тим, рече Мајкл Хофстеин, кинематографер на филмот „Засолниште“.