26 септември, Битола – Од селекцијата „Европски перспективи“, Слаѓан Пенев го претстави филмот „Вечна зима“ и кинематограферот Андраш Наги. Филмот е заснован на вистинска приказна за тоа како во 1944 година Унгарци биле водени во советски работнички кампови. Ова прашање за првпат се покренува во унгарското општество.

-700 илјади луѓе биле депортирани и 300 илјади од нив никогаш не се вратиле. Ова е трауматична епизода за едно општество и воопшто не била отворена 60 или 70 години и сигурно било изненадување за јавноста во Унгарија. Голем број Унгарци воопшто не знаат за овие случувања, рече Пенев.

Снимано е на планини со многу снег и имале блиски средби со волци, но најважно е што за првпат во овој филм се раскажува една вистинска приказна, која ги поттикна дедовците и бабите да ги раскажат приказните.

-Најважната работа беше дека луѓето кои беа таму во Новгород, на времето, претходно пред 1989 година не смееја да зборуваат за тоа, а потоа не сакаа да зборуваат. Ова беше моментот кога започна некаков разговор, а медиумите целосно го поддржаа филмот. Мој омилен дел од филмот е она што се случуваше во рудникот, целата екипа работевме под земја цела недела, каде настојувавме да го пренесеме истото чувство како кога работеле луѓето во тоа време, истакна Наги.