Татјана Ќурчинска-Пепељугоска од крајот на минатата година е национален претставник на Република Македонија во ЕУРИМАЖ, фонд на Советот на Европа, специјализиран за поддршка на кинематографите во доменот на копродукции, дистрибуција, прикажување и дигитализација на европските филмски дела.

-Фондот има неколку секции, меѓу кои најважна за нас е секцијата за поддршка на копродукциските проекти, и македонските продуценти тука можат да очекуваат најголем бенефит. Македонија веќе не е дел од секцијата за дистрибуција на филмови, бидејќи сме вклучени во програмата МЕДИА, а во истата програма спаѓа и секторот за кинофикација (финансиска поддршка за техничко опремување и доопремување на кино-салите). За Македонија, сепак, најзначајна е партиципацијата во одделот за копродукции. Ако разговараме за некакви статистички параметри, Македонија има поголем бенефит отколку висината на членарината што ја плаќа на годишно ниво, а таа изнесува околу 130.000 евра, Ќурчинска ја дава сликата за функционирањето на ЕУРИМАЖ и МЕДИА.

Меѓу филмските проекти поддржани од ЕУРИМАЖ, кои се завршени и наскоро ќе ја имаат нивната премиера, е новиот филм на сестрите Теона и Лабина Митевски, ГОСПОД ПОСТОИ – НЕЈЗИНОТО ИМЕ Е ПЕТРУНИЈА.

-Во наредните две сесии на ЕУРИМАЖ очекуваме дека и неколку филмови што ќе аплицираат да добијат финансиска поддршка, оптимистички најавува Ќурчинска.

Ќурчинска посочува дека во јануари 2017 година е донесен и усвоен ревидиран текст на конвенцијата за соработка во областа на кинематографијата.

-Веднаш по моето назначување, уште на првиот состанок во ЕУРОИМАЖ, започнав со имплементација на оваа конвенција во Македонија. Морам да истакнам, со големо задоволство, дека Владата на Република Македонија во јуни годинава го усвои текстот на ревидираната конвенција за соработка во кинематографијата. За македонските продуценти тоа значи еднакви услови за аплицирање – и натпревар! – во европски рамки, и, од друга страна, конвенцијата пружа побеневолентни услови за сите продуценти. Поконкретно, продуцентите од државите што ја имаат усвоено таа конвенција, посочува Ќурчинска.

Сепак, се поставува прашањето колкав и каков е менаџерскиот капацитет на македонските продуценти сето тоа да го процесуираат и да извлечат корист за домашната кинематографија?

-Македонските продуценти, барем од мојата соработка со нив изминативе десетина месеци, имаат навистина многу голема желба и имаат одлични познавања во процесот на аплицирањето со проекти во ЕУРИМАЖ. Ова се однесува за продуцентите со малку подолг стаж во професијата: тие се одлично екипирани и можат да ги задоволат критериумите што ги бара ЕУРИМАЖ. Бидејќи постојано има промени во начинот на работењето и договорите што треба да ги потпишат со ЕУРИМАЖ – во случај на добиена финансиска поддршка – соработката со мене како национален претставник е неминовна, и јас навистина имам извонредна соработка со нашите продуценти, заклучува Ќурчинска.