26 септември, Битола – Утрово, гостин на прес-конференција беше Калојан Божилов, кинематографер од Бугарија, кој го претстави филмот „Ага“.

-Извонреден филм, една визуелна поема, кој беше откритие и на Берлинале. Некои филмски критичари сметаа дека е штета што не е во конкуренција на Фестивалот, но можеби ќе биде бугарски кандидат за „Оскар“. Филмот е многу уникатен, работен е во тешки околности и веројатно било огромен предизвик да се снима во поларната вечна зима, на 20 и 25 степени целзиусови под нулата, рече селекторот, Благоја Куновски -Доре.

Божилов појасни дека оваа година филмот нема да биде бугарски кандидат за „Оскар“ бидејќи се’ уште има фестивалски живот во Варна, но можеби ќе биде следната година.

-Всушност, кога стигнавме во Јакутија беше -40 степени целзиусови, но исто е како да снимате било каде. Најважно е што не можеше да се повторуваат сцените, бидејќи нивоата на снег се зголемуваат. Можете да снимате само еднаш, нема преснимување. Поради тоа се’ одеше малку побавно. Вкупно снимавме 40 дена. Избрав да снимам на 35мм лента, а не дигитално поради студеното време и поради сликата и самата приказна. Користев „Ари кам вајт“ (Ари камера бела), која е доста добра. „Ари“ е лидер во светот. Со Милко сме веќе тандем, ова е втор филм на кој работиме – ги сподели искуствата Божилов.

Заблагодарувајќи се за прекрасниот филм, директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, истакна дека кога го гледала на филмскиот фестивал во Берлин била воодушевена и оттогаш настојувале заедно со селекторот Куновски да го донесат и на Фестивалот во Битола.

-Ми се допаѓа што има бура во ликовите, а лицата на актерите се мирни. Навистина направивте симбиоза меѓу човечката природа и самата природа, но истовремено и ги поделивте во широките кадри, истакна Теодосиевска.