26 септември, Битола – Горјан Тозија, директор на Агенција за филм и Масимилијано Нардули, денеска ја претставија соработката меѓу Агенцијата за филм Р.М. и програмата „Less is more“, креирана од страна на Le Groupe Ouest (Франција). Во рамките на оваа тренинг програма ќе се одржат бројни активности кои ќе бидат реализирани како дел од ова партнерство, а како особено важна се истакнува организацијата на работилницата за локалните филмски професионалци, насловена како „Pre-Writing Workshop“.

-Ова што сега го претставуваме е нешто што се подготвува за следното издание на Фестивалот, јубилејното, четириесетто издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Оваа програма навистина како да е креирана за Македонија. Главното мото на програмата е „Less is more“ и со неа фокусот се младите синеасти и оние кои имаат до три филмови. Филмска вештина е со помалку пари да се добие подобар филм, а нас тоа ни е потребно. Ако некому му дадете многу пари, тоа не е гаранција дека тој ќе направи добар филм, напротив нашите искуства покажуваат дека поголем успех кај нас имале филмовите кои биле направени со помали буџети. Буџетот ќе се определува од самата идеја, спецификата на пишување на сценарија, оригинални, особено инвентивни, со посовремени теми што ќе придонесе за појава на нов бран во македонската кинематографија, а што е и наша стратешка определба, истакна Тозија.

Тој посочи дека и ДФРМ треба да се насочи кон повеќе соработки со странство

Масимилијано Нардули претставник на Европската програма „Less is more“ (LIM) наменета за филмови со ограничен буџет, на која може да конкурираат филмски автори кои претходно имале еден или најмногу три играни филмови, презентирајќи ја програмата рече дека Македонија има многу таленти и ќе има своја улога во европската кинематографија.

-Вашата земја е е полна со приказни и е голем резервоар на таленти. Фокусот на оваа програма е сценариото и се работи на проекти со мали буџети за да им се овозможи покреативен пристап, но и заради тоа што независните филмови се загрозени од големите продукции, рече Нардули

Тој истакна дека е горд што Македонија е прва земја од Балканот што се придружува на овој проект.