Госпоѓата Доминик Бакс е уметнички директор, а господинот Саид Оулд Келифа директор на Фестивалот на медитеранскиот филм во Анаба, Алжир.

Бакс има повеќе од 30 години искуство во експлоатација, дистрибуција и организација на фестивали и едукативни работилници. Таа е директорка на Magic Cinema во Бобињи, во париското предградие кое има програми за едукација и културни и педагошки активности, потоа директорка на фестивалот „Театар и филм“ од 2014 година, и директорка на фестивалот Резонанции и филмски средби со граѓански пристап. Одговорна за издавање на делото Театар и филм во 30 тома.

Покрај тоа, таа е и претседателка на Здружението Крстосница на фестивалите (Carrefour des festivals), кој опфаќа француски филмски фестивали, и член на комисијата за помош во сценарио во Националниот центар на кинематографија (CNC).

Саид Оулд Келифа остварил успешна кариера во новинарство како репортер, шеф на меѓународната рубрика (Алжир, Франција), соработник на дневниот весник The Nation (САД) и на списанието Cinéma Politique (Франција).

Тој е сценарист и режисер, во 1991 година го режира својот прв филм БЕЛИ СЕНКИ, за кој има добиено прва награда на Фестивалот на Амиен (Франција), како и многубројни други награди низ светот. И други негови филмови беа наградени на неколку меѓународни филмски фестивали ЧАЈОТ НА АЊА (2004), ЖИВИ! (2006), ЗАБАНА! (2012), и влегоа во изборот за наградата Оскар. Келифа е соработник на фестивалот Театар и филм на Бобињи (Франција), а режира и во театар.

-Фестивалот на медитеранскиот филм во Анаба, Алжир постои од 1996 година. Поради насилствата во Алжир пред неколку години, фестивалот беше прекинат, а е обновен од 2015 година. Во првата фаза од фестивалот учествував волонтерски, а од пред 3 години заедно со Доминик го водиме фестивалот. Основната цел на фестивалот, кој се одржува на пролет, е фокусирањето на кинематографиите на земјите од Медитеранот, а учествуваат актуелни филмски дела, не постари од една година. На првото обновено издание беше застапена и Македонија: Горјан Тозија беше член на жирито. За следното издание имаме селектирано и македонски филм, но во овој момент не можеме да го обзнаниме учесникот. Покрај сево ова, фестивалот има и програма-фокус на земја која географски не е дел од Медитеранот: годинава тоа беше Чиле, а идната година ќе биде Финска, директорот Келифа ни ја претставува фестивалската лична карта.

Бакс додава дека на досегашните изданија ја имале честа да угостат, меѓу другите, и автори како Раул Луиз, Филип Гарел, Маргарет фон Трота…

-Интересно е што Фестивалот на медитеранскиот филм има многубројна публика: во Анаба нема многу кино-сали, па фестивалот е одлична прилика, посебно за младите, да видат актуелни филмови, вели Бакс.

Инаку, наградите на фестивалот се инспирирани од специфичното дрво анаба – според кое и градот го добил името – па лауреатите добиваат статуетка насловена „Златна анаба“.

Бидејќи госпоѓата Бакс е експерт за релациите на театарот и филмот, како и за процесот на создавање на филмско сценарио, ја прашавме кој е нејзиниот фаворит во тој домен.

-ФАНИ И АЛЕКСАНДЕР на Ингмар Бергман, децидна е Бакс, која не пропуштила да забележи дека фестивалот „Браќа Манаки“ и Кинотеката на Македонија годинава ја одбележуваат стогодишнината од раѓањето на култниот шведски автор.

Со оглед, пак, на огромното новинарско искуство на Келифа во водечките светски медиуми, и на посветеноста на Бакс на темите за општествената ангажираност на уметноста, неизбежно е и прашањето дали ангажираниот пристап во делата на филмските автори можат да го сменат светот како подобро место за живеење?

-Не треба да заборавиме на публиката и самите граѓани, бидејќи се многу важни за секоја кинематографија во светот. Гледачите, всушност, се психоаналитичари на општеството! Ако гледачите дадат добра дијагноза за некој филм, тој ќе добие поголема популарност, посочува Келифа.